Динамо славеше на гости, а Ференцварош победи дома, па ако забележат вкупни победи по реваншите, тие ќе играат меѓу себе во третото коло од квалификациите за ЛШ

Македонските фудбалски репрезентативци Аријан Адеми со Динамо Загреб и Стефан Спировски со Ференцварош се доближија до пласман во третото коло од квалификациите за пласман во Лигата на шампионите (ЛШ). Хрватскиот првак славеше на гости кај Сабуртало од Грузија со 2-0, а шампионот на Унгарија дома ја победи Валета од Малта со 3-1.

Ако забележат вкупни победи по реваншите идната недела, Динамо и Ференцварош ќе играат меѓу себе во третото коло, според ждрепката влечена неделава во седиштето на Европската фудбалска унија (УЕФА).
Во тој случај еден од двајцата македонски репрезентативци ќе игра во плејофот за пласман во ЛШ, а со тоа ќе обезбеди најмалку играње во групната фаза на Лига Европа.

Македонија во моментов има еден сигурен претставник во групната фаза на Лигата на шампионите во новата сезона, откако Елиф Елмас потпиша за италијанскиот вицешампион Наполи, кој има директно место во групната фаза и за ждрепката ќе биде сместен во вториот барабан.

Елмас е 15-от македонски фудбалер што е член на клуб што настапува во Лигата на шампионите, откако ова натпреварување се трансформира во 1993 год ина. Наполи, пак, стана третиот клуб со двајца фудбалери од Македонија во ЛШ, по Динамо Загреб и АПОЕЛ. Првиот македонски фудбалер што настапи во ЛШ беше Тони Савевски во 1994 година со АЕК од Грција.

Во другите средби од второто коло, највисока победа забележа некогашниот европски првак Селтик, со 5-0 над Номе Калју, дома. Гостински победи, покрај Динамо, забележаа и Копенхаген (2-0 со Њу сеинтс) и АПОЕЛ (1-0 со Сутјеска). Дома славеа Клуж (1-0 со Макаби ТА), Црвена звезда (2-0 со Хелсинки), БАТЕ Борисов (2-1 со Розенборг), Марибор (2-1 со АИК) и ПСВ Ајндховен (3-2 со Базел). Со реми завршија дуелите Дандалк – Карабах (1-1) и Плзен – Олимпијакос (0-0).