Кратовскиот фудбалски прволигаш, тимот на Силекс и следната сезона ќе настапува во ПМФЛ.

Попладнево кратовци на стадионот во скопско Ѓорче Петров во бараж дуелот за влез или опстанок во прволигашкото друштво го совладаа Тиквеш од Кавадарци со 3-2.

Кратовци доминираа во првото полувреме на мечот, па со двата гола на Никола Ѓорѓиев поведоа со 2-0. Гол за кавадарчани постигна Ивановски, но веднаш потоа предноста од два гола ја врати Рајковиќ.

На полувреме Силекс водеше со 3-1.

Во вториот дел Силекс имаше неколку прилики за зголемување на водството, по што следуваше погодок на Тиквеш за намалување на резултатот на 3-2. Стрелец на погодокот повторно беше Ивановски.

Иако фудбалерите од Кавадарци се обидоа да дојдат до израмнување, сепак конечниот резултат беше 3-2 за кратовци.

Силекс и во сезоната 2019/2020 ќе биде дел од најквалитетното фудбалско друштво во земјава, по Вардар најстандарден прволигаш.

Пропадна и овој обид Тиквеш по 18 години пауза да се врати во прволигашкото друштво.