Уругвајскиот судија Андрес Куња прв на светските првенства досуди пенал по консултација со системот ВАР

Со системот ВАР, кој дебитира на светските првенства, во саботата беа досудени два пенала (еден реализиран), а „окото соколово“ за надзор на гол-линијата, кој се применува од СП 2014, сигнализира погодок од само неколку милиметри

На Светското првенство (СП) во Русија веќе дебитираа повеќе фудбалери, но свој прв „настап“ имаше и системот ВАР (видеопомошник-судија), по кој во саботата беа досудени неколку пенали. Во истиот ден помош за судиите имаше и од „стариот“ помошник, системот за надзор на гол-линијата, кој сигнализираше погодок од само неколку милиметри.
Првпат во историјата на мундијалите системот ВАР за досудување пенал го искористи уругвајскиот судија Андрес Куња, на мечот Франција – Австралија, кога по еден пробив на Антоан Гризман противничкиот фудбалер Џор Рисдон направи прекршок во шеснаесетникот.
Во прв момент тоа не го забележа главниот судија на натпреварот, но по консултацијата со ВАР-судијата Мауро Виљано од Аргентина, покажа на белата точка. Сигурен реализатор беше токму Гризман.
На истиот меч беше досуден и еден „чист“ пенал, за Австралија, која на тој начин го израмни резултатот, а ВАР „одлучи“ дека има пенал и на мечот Перу – Данска, но Перуанците не ја искористија шансата, биејќи над голот од ударот од 11 метри.
Како што е вообичаено досега, системот ВАР предизвика полемика, откако одредени агли на снимката од акција за пеналот врз Гризман наводно сугерираат дека австралискиот фудбалер прво ја допрел топката, па направил прекршок врз францускиот напаѓач.
Сепак, по евентуалниот контакт на Австралиецот со топката следува нов контакт на Гризман со топката, па прекршокот.
– Чувствувам дека бевме победени од подобар тим и речиси од технологијата – изјави Мет Рајан, голманот на Австралија.
Дилеми предизвика и ситуација кога наводно можел да биде досуден уште еден пенал за Аргентина на дуелот со Исланд, но системот ВАР воопшто не бил вклучен, пишуваат англиските медиуми.
Така, системот ВАР, кој е воведен и за да ги запре дискусиите без крај за тоа дали некоја судиска одлука била исправна, покажа дека и тој има свој „потенцијал“ за развивање непомирливи различни мислења. Барем засега.