Пред почетокот на новата сезона во германската Бундеслига, тренерот на фудбалерите на Аугсбург, Мартин Шмид, ги подготвува своите играчи со помош на најновите технолошки достигнувања. Фудбалерите го вежбаат поставувањето на теренот и тактиката, а дрон ги следи нивните движења, за потоа Швајцарецот да може полесно да ги увиди грешките при позиционирањето, објави „Дојче веле“.

Но, не е Аугсбург единствениот бундеслигаш кој ја корсти најновата технологија за анализа. Минатата сезона, Вердер Бремен се најдоа во незавидна ситуација кога беа обвинети дека користеле дрон за да го шпионираат ривалот Хофенхајм.

Сепак, дроновите единствено обезбедуваат подобар агол на камерата и подобар увид на ситуацијата. Процесирањето на податоците е многу подетално.

– Со оваа технологија за помалку од седум секунди може да се одреди како играчите го контролираат просторот. Традиционалната, мануелна анализа, од друга страна, би одземала до шест часа – изјави професорот на спортскиот универзитет во Келн, Даниел Мемерт.

Технологијата овозможува натпреварите, противниците и тактиките да се анализираат многу брзо, и потоа да се развива план според добиените анализи. Поради тоа, уште поважно од било кога, важно е да се користи оваа технологија, поради фактот што скоро сите тимови во Бундеслигата за престојната сезона имаат подготвено повеќе тактички варијанти.

– Постојат податоци за сите можни категории. Сите натпревари во Бундеслигата се анализираат до последниот детал и овие бројки се достапни за сите. Клубовите исто така, освен статистичките податоци од натпреварите, имаат информации и за преформансите на тренинзите, физичката подготвеност и здравјето на нивните играчи – пишува „Дојче веле“.


Виртуелни безбедносни проверки

Како тимовите, така и навивачите, оваа сезона во Бундеслигата ќе ги почувствуваат промените и интензивирањето на употребата на технологијата во и околу германскиот фудбал. Баерн Минхен ќе стане првиот клуб во Европа кој ќе го тестира системот „Хексвејв“, американски радар кој ќе го скенира целото тело на навивачите на влезот на нивниот стадион.

Затоа, намесно мануелните проверки и празнењето на џебовите пред влезовите, софтверот со вештачка интелигенција ќе детектира опасни предмети како оружје и други забранети работи.