Голем дел детали за играње во вакви услови дополнително ќе бидат објавени, но на стадионите и околу нив ќе биде дозволено да присуствуваат најмногу 300 луѓе, за домашните дуели играчите ќе доаѓаат сами со свои возила, на гостинските мечеви ќе патуваат во помали групи, а медицински професионалци ќе ги посетуваат клубовите без најава за да се уверат дека ги почитуваат упатствата

ФУДБАЛ – ИДНАТА НЕДЕЛА ПРОДОЛЖУВА БУНДЕС-ЛИГАТА

Следната сабота со дербито Борусија Дортмунд – Шалке пред празни трибини на стадионот „Вестфален“ треба да продолжат натпреварите во германската фудбалска Бундес-лига. Бундес-лигата, која беше прекината по 25-то коло поради пандемијата на коронавирусот, продолжува таму каде што застана.

Планот е да се доиграат преостанатите девет кола сезонава и првенството да заврши на 27 јуни. Сите го посакуваат тоа, бидејќи договорите на некои играчи истекуваат три дена подоцна и евентуалното продолжување на сезоната би ги искомплицирало работите.
Голем дел детали за играње во вакви услови дополнително ќе бидат објавени, но сигурно е дека ќе нема навивачи на стадионите. Фудбалерите ќе бидат тестирани еднаш неделно, еден ден пред натпреварите, или двапати неделно, во случај да се игра во средите.

Се разгледува можноста за замена на по пет играчи на натпревар, за да се превенира ефектот на замор поради многуте натпревари во рок од седум недели. На стадионите ќе биде дозволено да присуствуваат најмногу 300 луѓе, од кои по околу 100 во „ентериерот“, на влезовите и околу стадионот.
На домашните натпревари фудбалерите ќе доаѓаат со свои возила, сами, наместо да патуваат заедно со автобус, а на гостинските натпревари ќе патуваат во помали групи. Медицински професионалци ќе ги посетуваат клубовите без најава за да се уверат дека таму ги следат и се почитуваат упатствата.
Преостанатите најквалитетни европски фудбалски лиги, англиската, шпанската и италијанската, со нетрпение чекаат да видат како ќе продолжи фудбалот во Германија за да извлечат поуки и искуствата да ги приспособат на своите потреби.