Тотенхем го совлада Манчестер сити со 2-0 во дербито на 9. коло во Премиер-лигата и е во серија од осум меча без пораз. Заслуги за тоа одат и на сметка на Мурињо, кој создаде компактен состав што тешко прима голови, но пред сѐ на тандемот напаѓачи Хари Кејн (седум гола и девет асистенции) и Сон Хеунг-мин (девет гола и две асистенции)

ФУДБАЛ – ПРЕМИЕР-ЛИГА

Жозе Мурињо го надмудри Пеп Гвардиола, поточно Тотенхем го совлада Манчестер сити со 2-0 во дербито на 9. коло во англиската фудбалска Премиер-лига, и со 21 бод се искачи на лидерската позиција пред синоќешното дерби Ливерпул – Лестер. Првпат по август 2014 година Тотенхем е на врвот на табелата и првпат од 1985-та, по девет натпревари.
Тактиката на Мурињо, со цврста добро организирана одбрана и со брзи контранапади, се покажа попродуктивна од онаа на Гвардиола со голем посед на топката (67-33 отсто и со 22 удари на голот, наспроти четирите на противникот), но без ефект, објави „Скај спорт“. Ривалитетот Мурињо – Гвардиола почна пред десетина години, кога ги предводеа Реал Мадрид и Барселона. На досегашните 24 меѓусебни меча е поуспешен Гвардиола, со 10 победи, и по седум ремија и порази. Мала утеха за Гвардиола е тоа што е единствениот тренер што има 10 триумфи над тимови на Мурињо.

Тотенхем не е поразен на претходните осум првенствени меча (шест победи и две ремија), по поразот во првото коло од Евертон дома (0-1). Заслуги за тоа одат и на сметка на Мурињо, кој создаде компактен состав што тешко прима голови (постигна 21), но пред сѐ на тандемот напаѓачи Хари Кејн, кој има дури девет асистенции и седум гола, и Сон Хеунг-мин, кој постигна девет гола, плус две асистенции.
– Добро е чувството да се биде на врвот, но потоа повторно може да бидеме втори или трети, а искрено тоа не ми претставува проблем, бидејќи јас сум задоволен од еволуцијата на тимот. Луѓето не смеат да очекуваат дека по една сезона ќе се тркаме за титулата. Не се бориме за титулата туку за победа на секој меч.

Но ќе губиме, ќе ремизираме на некои натпревари – изјави Мурињо.
Сити е на 10-то место, со 12 бода, најмалку во тренерската кариера на Гвардиола по осум средби, и постигна 10 гола сезонава (17 помалку од лани во оваа фаза од првенството), а прими 11 гола.