Реал Мадрид и Ливерпул кои се сретнаа во четврт-финалето на ЛШ се меѓу потписниците за формирање на Суперлигата

Дванаесет од најбогатите европски клубови објавија намера за покренување на т.н. Суперлига, што би значело нивно издвојување од натпреварувањата на Европската фудбалска унија (УЕФА).

Шпанските Реал Мадрид, Барселона и Атлетико Мадрид, англиските Ливерпул, Манчестер јунајтед, Манчестер сити, Тотенхем и Челси, како и италијанските Јувентус и Интер се меѓу потписниците кои се залагаат за формирање на Суперлигата.

– Ние ќе помагаме на фудбалот на секое ниво и ќе го поставиме на местото што го заслужува во светот. Фудбалот е единствениот глобален спорт со повеќе од четири милијарди навивачи и наша одговорност како големи клубови е да одговориме на нивните желби – истакна Флорентино Перез, претседателот на Реал Мадрид.

Како дел од планот, овие клубови би се повлекле од натпреварувањата во организација на УЕФА и би ги играле мечевите од Суперлигата во средина на неделата. Клубовите во Суперлигата однапред би поделиле отприлика 3,5 милијарди евра. Медиумите известуваат дека 15 од најголемите клубови од Стариот Континент моментно се во преговори за формирање на Суперлигата чиј почеток е планиран за сезоната 2023-24. А предвидена е и Суперлига во женска конкуренција, откако ќе почне првичното натпреварување.

Аако иницијативата (досега ја отфрлија ФИФА и повеќе национални фудбалски сојузи) на богатите клубови биде успешна, таа ќе претставува закана за опстанокот на досегашното најпрестижно клупско натпреварување – Лигата на шампионите (ЛШ).  УЕФА исто така се спротивстави на Суперлигата, соопштувајќи дека ќе ги разгледа сите можни мерки со цел да го спречи нејзиното формирање. А навивачите на англиските клубови кои најавија учество во Суперлигата, се здружија за да ја осудат идејата, опишувајќи ја како „најголемо предавство“. Се очекува УЕФА денес да го објави новиот формат на ЛШ во која би имало 36 учесници.