Полицијата интервенираше по насилниот испад на навивачите на Ривер плата

Срамниот напад на фудбалските навивачи на Ривер плата врз клупскиот автобус на ривалската Бока јуниорс го одложи реваншот од финалето на Копа либертадорес на стадионот „Монументал“ во Буенос Аирес, за вечерва во 21 часот, што е 24 часа подоцна од првобитно закажаниот термин, пренесуваат светските медиуми. Првиот меч заврши нерешено 2-2.

Повеќе фудбалери на Бока јуниорс претрпеа исеченици од парчињата стакло од скршените прозорци на автобусот, како и потешкотии поради солзавецот што полицијата го употреби за да ги растера хулиганите кои фрлаа предмети кон возилото.

Мечот беше одложен по нападот врз автобусот на Бока јуниорс

– Целиот свет гледаше, а Аргентина му ја покажа најгрдата страна на нејзиниот фудбал – напиша еден аргентински весник.

Меѓу оние што се пожалиле на мачнина бил Карлос Тевез, додека капитенот Пабло Перез и Гонзало Ламардо биле испратени во болница поради повредите предизвикани од парчињата стакло.

– Се чувствувам повреден. Ова требаше да биде забава, а повеќе наликуваше на војна – кажа Перез кој се здоби со повреда на окото.

Разочарување изрази и Ричард Падула кој известуваше од стадионот „Монументал“.

– Се случи финале какво што никој не посакуваше, ривалство претензично за меч од ваков значај. Стадионот беше безмалку полн на три часа пред почетокот на мечот. Песната беше гласна и од срце. Но, вестите за нападот полека почнаа да се шират, како и гласините на социјалните мрежи. Почетокот беше одложен, но ни кажаа дека мечот ќе се игра. Времето поминуваше, а ниту знак од фудбалерите, ниту за составите на екипите. Во еден момент беше изнесена опремата за загревање на играчите, но тоа не се случи, исто како и одигрувањето на мечот. И странците го сакаат аргентинскиот фудбал. Страста, ентузијазмот, колоритот, ликовите. Лесно е да се романтизира фудбалот тука. Но, за оние кои живеат секојдневно со играта, таа може да биде заморна, опасна и идиотска – кажа Падула.

Капитенот на Бока јуниорс Пабло Перез се здоби со повреди на окото

Сличен инцидент се случи пред три години, кога осминафиналето на Копа либертадорес помеѓу лутите ривали беше прекинато, откако навивачите на Бока ги нападнаа противничките фудбалери со спреј-солзавец, на полувремето од средбата на стадионот „Бомбоњера“. Инцидентот резултираше со исфрлање на Бока јуниорс од натпреварувањето.

Ова е прва средба на најголемите аргентински ривали во финалето на јужноамериканската Лига на шампионите, во 58-годишната историја на престижното натпреварување.


Раководството на Ривер треба го спречи затворањето на стадионот

Одигрувањето на мечот уште е неизвесно откако властите го затворија стадионот на Ривер. Со цел да се избегне одлуката за затворање на стадионот, раководството на Ривер плата мора да се појави пред Рикардо Раул Педејс, директорот на владината агенција за контрола на градот, за да плати парична казна, бидејќи во спротивно натпреварот нема да се игра.