ФИФА наведува четири официјални јазици што треба да ги говорат судиите: англиски, германски, француски или шпански. Сепак, правилата на фудбалската игра се такви што му овозможуваат на судијата да ја заврши својата работа без многу зборување, едноставно користејќи рачни сигнали. Накратко, универзалниот фудбалски јазик што сите го разбираат е говорот на телото

На Светското првенство (СП) во Русија во сенка на натпреварите, кои стануваат сѐ поинтересни и повозбудливи, разбирливо и можеби второстепено за повеќето вљубеници во оваа игра е комуникацијата меѓу судиите и фудбалерите на репрезентациите. Можеби сте се прашале како судиите што говорат еден јазик комуницираат со фудбалерите што говорат два различни јазика, на теренот, но и надвор од него?
Светската фудбалска федерација (ФИФА) наведува четири официјални јазици што треба коректно да ги говорат судиите: англиски, германски, француски или шпански. Пред СП во Бразил 2014, ФИФА одржа тренинг-семинар на кој судиите беа подложени на ригорозни фитнес-тестови (тие обично истрчуваат помеѓу шест и осум километри по натпревар), а едно од барањата беше дека мора коректно да зборуваат англиски.
Англискиот станува како задолжителен јазик. Фудбалските судии на ФИФА и на УЕФА е пожелно да зборуваат неколку јазици, но англискиот генерално е стандарден. Правилата на фудбалската игра се направени така што ќе му овозможат на судијата да ја заврши својата работа без многу зборување, едноставно користејќи гестови. Затоа беа измислени црвените и жолтите картони како средство за заобиколување на јазичната бариера во меѓународниот фудбал. Исто така, постојат и универзално препознатливи рачни сигнали за означување на корнерите, слободните удари, замената на играчи и слично. Накратко, универзалниот фудбалски јазик што сите го разбираат е говорот на телото.

Како се одвива комуникацијата кога судијата и играчите зборуваат на различни јазици? Дали е можно судиите да ја држат целата работа под контрола кога играчи зборуваат на два различни јазика што тој не ги разбира, а притоа се обидува да им одговори на трет јазик? Фудбалерите често му се втурнуваат и во лицето, тврдејќи дека е пенал, прекршок, црвен или жолт картон, офсајд или нешто друго. Притоа има многу гестикулации, се прават експресивни лица, па има дури и пантомима.
Такви ситуации се случуваат најмалку на по еден натпревар на СП со 32 селекции што зборуваат од 18 до 20 различни јазици. Како ли се разбира судија од, на пример, Африка со фудбалери од земји оддалечени илјадници километри една од друга, како што се Јужна Кореја и Шведска, на пример?
На мечот Шпанија – Иран (1-0) имаше една спорна ситуација кога Иранците постигнаа гол од офсајд. Фудбалерите на двете селекции го опколија судијата, Уругваецот Андрес Куња, и почнаа да бараат да досуди офсајд, односно да го признае голот. Официјалниот јазик на Уругвај е шпански, иако е дијалект, и на Куња му беше лесно да се разбере со шпанските играчи. Но што е со иранските играчи? На СП 2014, пак, во првиот натпревар Бразил – Хрватска, хрватскиот фудбалер Ведран Ќорлука за судијата, Јапонецот Јуичи Нишимура, тврдеше дека „не знае англиски“ и оти наводно „зборувал само јапонски“. Јасно, Фудбалската асоцијација на Јапонија енергично го отфрли тврдењето на Ќорлука, посочувајќи дека „семинарите се изведуваат на англиски јазик“ и „дека сите судии на СП се оспособени да комуницираат на англиски“.


Картоните како средство за комуникација се појавија на СП 1970

Црвените и жолтите картони првпат беа воведени на фудбалското Светско првенство (СП) во 1970 година во Мексико, но првпат црвен бил употребен на СП 1974. Како човек заслужен за нивната примена се смета Англичанецот Кен Ештон, поранешен истакнат фудбалски судија. Идејата, како што подоцна објаснуваше тој, му дошла запирајќи со автомобилот на семафор. „Жолто светло – полека, црвено – стоп, ти си исклучен“, си рекол Ештон и потоа предложил воведување картони во две бои.
Всушност главниот проблем по кој ФИФА почнала да размислува за нешто вакво се јавил на СП 1966 во Англија. На мечот Англија – Аргентина судијата од Германија досудил прекршок против Аргентина. Капитенот на Аргентинците Антонио Ратин почнал да се расправа со судијата на шпански, јазик што судијата не го разбирал. Откако настанала општа јазична какофонија и ситуацијата се вжештила, судијата извикал „надвор“ на англиски. Ратин не го разбрал, одбил да излезе од теренот и имало прекин од десетина минути. Тоа ја прелеало чашата, потоа на сцената стапуваат картоните и сега кога судијата ќе се фати за џеб на сите им е јасно што следува. Л.Д.