Урошевиќ импресионираше со својата брзина и лесно ги претрчуваше противничките играчи. Многу од головите беа постигнати токму од противнапади. Почеток во Тетекс, комплетна афирмација во Вардар

ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (208)

Стојмир Урошевиќ е еден од најпознатите фудбалери што произлегоа од школата на ФК Тетекс. Тој првите фудбалски чекори ги направи токму во времето кога тетовскиот клуб ги доживуваше своите ѕвездени мигови. Тоа беше периодот од 70-тите години на минатиот век, кога тетовци постојано беа во врвот на второлигашката табела, за конечно во 1978 година да го освојат првото место. Меѓутоа, поради некои банални причини, наводно за настап на играч со повеќе жолти картони, Тетекс беше спречен да ги доживее прволигашките денови и од ФСЈ не му беше дозволено да игра во елитното друштво.
Но, и покрај оваа неправда, амбициите на тетовци и понатаму беа јасни. Желба на сите беше еден ден Тетекс да заигра во прволигашкото друштво. Затоа, фабриката, на чие чело беше големиот фудбалски вљубеник Стојан Ѓорчевски, не жалеше средства и многу вложуваше во клубот. Така, Тетекс имаше можност да се засили со квалитетни играчи и со нив да тргне во нов поход кон второлигашката титула. Составот на тетовци беше навистина многу квалитетен. Тука беа искусните домашни асови Заковски, Буран Беадини и Блажевски, а од други средини во Тетово пристигнаа Плачков, Беквалац, Морача, Лазаров, Пеановиќ, Родиќ, Аникиќ, Јаковљевиќ, а и струмичкото трио Георгиев, С. Грнчаров и Секулов. Но во Тетекс се водеше сметка и за талентираните тетовски момчиња, кои веќе ги истакнуваа своите квалитети. Еден од нив беше и Стојмир Урошевиќ, популарно наречен Цоле, кој подоцна стана и најпрепознатливиот фудбалер од градот под Шара, заедно со Милко Симовски. Откако првите години ги помина во Тетекс, овој тандем имаше голем придонес и во квалитетното издигнување на Вардар, во периодот кога на неговото кормило беше прославениот ас Стјепан Бобек.

ГОЛ ПРОТИВ МАЈДАНПЕК, ЗА СПАС НА ПОБЕДА

Уште во раната младост (14 години), кога Стојмир Урошевиќ зачекори на фудбалскиот терен, веќе беше јасно оти во него се кријат големи квалитети. Тој одлично владееше со топката, но, сепак, негово најсилно оружје беше брзината. Кога ќе заспринтуваше, тешко оти некој противнички играч можеше да го следи. Тој како „брз воз“ иташе кон противничкиот гол, за по неазпирливиот спринт да ги доведе во безизлезна ситуација голманите. На неговите голови, постигнати токму во тој стил, сигурно се сеќаваат сите љубители на фудбалот, зашто тој десетина и повеќе години преку Тетекс и Вардар успешно „пливаше“ во прволигашките води.
– Голема заслуга за мојот брз пробив меѓу младинците, а потоа и сениорите на Тетекс имаше мојот прв тренер Раско Мирчевски. Од него многу научив и слободно можам да кажам дека тој беше голем педагог и тренер, низ чии раце поминаа голем број тетовски фудбалери. Потоа, нормално со годините, кога веќе созревав и се доближував до сениорскиот тим, имаше и други тренери, но Раско беше оној што ми ја даде фудбалската основа – вели Урошевиќ.
Интересно е дека Урошевиќ налета на една квалитетна сениорска екипа на Тетекс и не веруваше дека брзо ќе добие шанса да заигра за првиот тим. Но квалитетот си го прави своето, па, така, за многу фудбалски љубители и не беше изненадување кога доби шанса да игра во сениорската постава.

– Тренерот на првата екипа Зоран Чолаковиќ веројатно виде нешто во мене, па кога имав 18 години ме вклучи во тренинзите со веќе искусните фудбалски мајстори. Покрај оние гореспоменатите, би ги додал уште имињата на Вуличевиќ, Раца Јовановиќ и Цветковиќ. Интересно е дека јас моето деби во првиот тим го имав во 1979 г., против Вардар, кој веќе трета година беше во Втората лига, и токму во оваа година, предводен од Бобек, тимот конечно се врати во Првата лига. Следен натпревар на кој многу убаво се сеќавам беше дуелот со Мајданпек. Од исходот на средбата зависеше дали прилепска Победа ќе го зачува второлигашкиот статус. Пред натпреварот, како што тоа беше вообичаено во тоа време, се проширија многу гласини, како на пример оти ќе му ја „продадеме“ средбата на Мајданпек, за тој да се спаси, а Победа да испадне. Јас како млад фудбалер и не обрнував внимание на сето тоа, дури тие гласини и не допираа до мене. Знаев само дека треба да играм, да се борам и да ја оправдам довербата. Во игра на тој меч влегов заедно со Петров во последните дваесетина минути. Но и таа минутажа ми беше доволна да пречекам една топка во шеснаесетникот и со глава да ја сместам во противничката мрежа. Бев пресреќен, со тој гол не само што победивме туку ја спасивме и Победа. Така паднаа во вода сите оние гласини оти ќе му попуштиме на Мајданпек, за да испадне Победа. Мојата радост за голот беше уште поголема, кога од прилепчани стигна благодарност до мене и до Тетекс, за коректната игра и за победата. Тоа ми причини големо задоволство – продолжи Урошевиќ.

ВЛЕГУВАЊЕ ВО ПРВАТА ЛИГА

Веќе немаше дилема, местото на Урошевиќ во првиот тим на Тетекс беше обезбедено. Но сега неговите погледи, како и на сите тетовци беа свртени кон Првата лига. Се чекаше само погоден момент – тоа да се оствари.
– Во натпреварувачката сезона 1980/1981 влеговме решени конечно да ја исполниме поставената задача. Имавме идеални услови за работа и силна екипа, само требаше да играме константно и да ги освојуваме планираните бодови. Така, полека „бродот“ на Тетекс, кој налетуваше на најразлични пречки, сѐ до крајот сигурно пловеше. Но во самиот финиш требаше да се биде или не. Средбата со Влазними беше решавачка дали последното коло ќе го дочекаме на позиција што ни го отвораше патот кон првото место. Ако загубевме, Галеника веќе ќе се промовираше во прволигаш, а токму со неа требаше да се сретнеме во Тетово, во последното коло. Но, и покрај многуте притисоци, заигравме максимално и со 2-0 го победивме Влазними. Така се случи со еден бод предност пред екипата од Земун да го дочекаме последното коло. Јас во меѓувреме, заедно со Пепи Георгиевски и со Томче Трајановски, бев со аматерската репрезентација на Југославија на меч со Грција, па стигнав пред самата средба со Галеника. Стадионот во Тетово уште во претпладневните часови почна да се полни, па кога веќе немаше место на трибините, гледачите влегоа на патеката до теренот. И покрај инсистирањето на делегатот, немаше сила што можеше да ги истера. На крајот и тој се „смилува“ и дозволи средбата да почне. Јас, со оглед на тоа што цела недела бев отсутен, на почетокот бев на клупата и во игра влегов во второто полувреме. Се играше тактички од двете страни, Галеника ја градеше играта за да создаде шанса на прекалениот стрелец Слободан Сантрач, кој тогаш ги бранеше нејзините бои, а ние одевме на реми, кое наполно ни одговараше. На крајот, средбата заврши без голови и тогаш почна невидено славје – вели Урошевиќ.

Сонот беше остварен, следната сезона Тетекс се натпреваруваше во Првата југословенска лига. Сега, и противниците беа посилни и требаше да се има навистина квалитетен и искусен тим за да се остане во елитното друштво.
– Се боревме колку што можеме, но, сепак, не успеавме подолго од една сезона да играме во Првата лига. Конкуренцијата беше многу силна, да потсетиме дека во тоа време југословенската лига беше една од најквалитетните во Европа. Сепак бевме задоволни од она што го прикажавме, иако на крајот завршивме на претпоследното место, со 23 бода, и заедно со Загреб се преселивме повторно во Втората лига. Од прволигашките мечеви, низ кои нѐ водеше Марко Валок, се сеќавам на дебито кога бевме поразени во Осиек, со 3-1. Во второто коло пред нашите гледачи ја совладавме Олимпија предводена од Вукашин Вишњевац. Тогаш славевме со 3-1, а јас постигнав два гола. Во третото коло загубивме во Скопје од Вардар, со 3-1, Рингов беше стрелец на два гола. Потоа се редеа и другите средби, од кои незаборавна ќе ми биде онаа со Хајдук, за кој тогаш играа Слишковиќ и браќата Вујовиќ. Со голот на Беадини славевме победа со 1-0. Но, за жал, немавме доволно сили и искуство за да опстанеме во елитата – вели Урошевиќ.
За натамошната кариера на Стојмир Урошевиќ, особено за годините во Вардар, ќе читате идната недела.


СТОЈМИР УРОШЕВИЌ

Роден: во 1960 година во Тетово
Кариера: Тетекс, Вардар, Приштина, Пирин (Благоевград), Ќустендил, аматерска репрезентација на Македонија
Успеси: Влегување со Тетекс во Првата југословенска фудбалска лига, потоа одиграни вкупно 178 и постигнати 32 гола на првенствените и пријателските средби за Вардар, прв стрелец на Пирин и спортист на годината во 1994 година на Благоевград, прв стрелец на Ќустендил и влегување во Првата бугарска лига