По долгите месеци шпекулации, Рахим Стирлинг се согласи да потпише нов договор со Манчестер Сити. 

Денес англискиот репрезентативец се врза со клубот за уште три сезони – до летото 2023 година. Досегашниот негов договор истекуваше во летото 2020 година, што го правеше потенцијална цел за трансфер по крајот на шампионатот, а меѓу кандидатите беше и Реал Мадрид.

Според „Дејли Мејл“, новиот договор е за неделна плата од 300.000 фунти, што го прави Стирлинг најплатениот Англичанец во светскиот фудбал. Лидер по плата останува Алекс Санчез од Манчестер Јунајтед, кој зема 350.000 фунти неделно.

Сепак, официјално, Сити не ги открива финансиските детали за договорот со 23-годишниот фудбалер.

Досега, Стирлинг земаше 120.000 фунти неделно, што значи дека има зголемување од 150 отсто.

Напаѓачот роден во Јамајка ја игра својата четврта сезона во Сити. Тој беше купен од Ливерпул за 44 + 5 милиони фунти.