Фудбалерите на Стирлинг Маседониа го слават успехот

Фудбалерите на Стирлинг Маседониа од Перт се вратија во австралиската Национална премиер лига (НПЛ) по две години поминати во понизок ранг. Тие го обезбедија првото место на табелата по убедливата победа против второпласираниот Вестерн најтс од 4-0 на гости.

На тој начин Стирлинг стигна до 15-та победа едноподруго, со што има недостижни 15 поени повеќе пред Вестерн најтс на четири кола до крајот на сезоната. Играчите го прославија враќањето во поквалитетната конкуренција.

Стирлинг Маседониа е заемно поврзан со македонската заедница во Западна Австралија, со што најголемиот број членови на управата на овој клуб се Македонци од егејскиот дел. А клубот од Перт истакнува и дека се гордее со тоа што во текот на четириесет и петгодишно постоење за него настапуваа бројни фудбалери од различни националности, што се должи на неговата инклузивност.

Познат како Вест Перт Маседониа во текот на 70-те и во раните 80-ти години на минатиот век, клубот ја освои првенствената титула во неговата трета сезона во државната лига. Во 1986 година, клубот го смени името во Стирлинг Маседониа со преселбата на новиот стадион „Маседониа парк“. За време на 80-те и 90-те години Стирлинг Маседониа беше еден од најмоќните клубови во Западна Австралија.