Деновиве привршува уривањето на стариот фудбалски стадион на Атлетико Мадрид, „Висенте Калдерон“, каде што клубот настапуваше 51 година, од 1966-та до 2017-та. Стадионот, кој беше со капацитет од над 50.000 места и се наоѓаше на бреговите на реката Манзанарес во областа Арганзуела во главниот град на Шпанија, го носеше името на Висенте Калдерон, бизнисмен и претседател на Атлетико дваесет години. Од минатата сезона Атлетико настапува на новиот стадион „Ванда Метрополитано“.

Според шпанските медиуми, трошоците за уривањето на стадионот чинеле десетици милиони евра, но од продажбата на две парцели од земјиштето каде што беше објектот, Атлетико инкасирал 100 милиони евра. Клубот очекува вкупна заработка од 180 милиони евра од продажбата на целиот простор, на кој ќе се градат комерцијални објекти и станбени згради, а ќе има широк спектар зелени површини, отворен базен и друго. Изградбата се очекува да почне во последниот квартал од 2020 година и да заврши до крајот на 2022 година.