ФУДБАЛ

Австралија и Нов Зеланд ќе бидат домаќини на Светското фудбалско првенство за жени во 2023 година, објави ФИФА. Заедничката кандидатура победи во трката со Колумбија, која остана единствениот друг конкурент, откако Бразил и Јапонија во јуни испаднаа од трката. Ова ќе биде прво Светско првенство на кое домаќини ќе бидат две континентални фудбалски конфедерации (Австралија се наоѓа во Азиската конфедерација, а Нов Зеланд е дел од Океанија). Светското првенство, кое е предвидено да се одржува во јули и во август 2023 година ќе биде прво на кое ќе играат 32 репрезентации наместо досегашните 24. Бранител на титулата ќе биде репрезентацијата на САД, која во финалето на СП 2019 во Франција ја совлада Холандија со 2-0.

– Не само што ќе бидеме првата коконфедерација домаќин на Светското првенство и прв мундијал на жени во регионот Азија-Пацифик, туку ќе го отклучиме огромниот потенцијал за раст во женскиот фудбал во Азија и во регионот на Пацификот – рече претседателот на Фудбалската федерација на Австралија (ФФА), Крис Нику.
На СП 2023 ќе се користат 13 стадиони во 12 града, седум во Австралија и пет во Нов Зеланд. Финалето е предвидено да се игра на стадионот во Сиднеј, кој има капацитет од 70.000 места и беше изграден за Летните олимписки игри во 2000 година.
– Веруваме дека ни е дадено богатство и ќе се грижиме за тоа богатство. Работиме за да го поставиме женскиот фудбал што поблиску до централната светска сцена – рече претседателката на Фудбалската федерација на Нов Зеланд, Јохана Вуд.