Според податоците, дури 61,5 отсто од мечевите од групната фаза завршиле со победа со еден гол разлика (0,3 помалку од СП 2010), рекордни 16 гола биле постигнати по 90-та минута, а осминафиналисти има од сите четири барабани пред ждрепката

Светското фудбалско првенство (СП) во Русија засега е едно од најкомпетитивните, најизрамнетите мундијали досега, ако се сметаат минималните победи во првата фаза од натпреварувањето. Според податоците, 61,5 отсто од мечевите (вкупно 24) завршиле со само еден гол разлика во корист на некоја репрезентација (1-0, 2-1, 3-2, 4-3 итн).
Засега тоа е втор најголем процент, по тој од СП во Јужна Африка во 2010 година, со 61,8 отсто минимални победи. На другата страна од оваа необична табела е Мундијалот во 1954 година со само 25 отсто победи со еден погодок разлика.
Со таква минимална предност почна и осминафиналето во саботата, кога мечевите завршија со резултати 4-3 и 2-1. Згора, како нов израз на изедначеноста на репрезентациите, е и податокот за голови во судиското продолжение од вторите полувремиња. По 90-та минута во првата фаза беа постигнати 16 гола (во едното саботно осминафинале уште еден) што чини 13,1 проценти од сите голови што, пак, е убедлив рекорд во однос на последните осум мундијали. Второто место на оваа листа е за СП 2014 со 5,9 отсто голови во судиските продолженија на мечевите, по 90та минута.
Како дополнение за одличното светско првенство во Русија е и податокот дека по 50 меча само еден заврши со резултат 0-0, а вкупно девет со реми (0-0, 1-1, 2-2 и 3-3).
По сево ова за СП 2018 може да се употреби веќе познатата реченица дека „сите играат фудбал“, а можеби тоа најдобро го отсликува и податокот дека носителите пред ждрепката имаа големи проблеми за пласман понатаму, две селекции не се пласираа во осминафиналето (Германија и Полска), а две други веќе во првата нокаут-рунда се елиминирани (Португалија и Аргентина). Од четвртиот барабан меѓу 16-те најдобри е Јапонија, од третиот Данска и Шведска, а од вториот сите освен Перу.