ФУДБАЛ
Меси: Играњето без публика е ужасно и грдо

Ужасно е да се игра без гледачи, тоа е многу грдо. Да не гледате никого на стадион е како да сте на тренинг и многу е тешко пред да почне натпреварот, изјави капитенот на Барселона, Лионел Меси, за весникот „Марка“, пренесува „Ројтерс“, по добивањето на наградата „Пичичи“ за најдобар стрелец во фудбалската Ла лига минатата сезона.
Сезонава Барселона го има најлошиот старт во минатите 33 години и моментно се наоѓа на петтото место.
– Гледаме изедначени натпревари и многу е тешко да се победи, без оглед против кого играте. Пандемијата го смени фудбалот на полошо. Можете да го видите тоа на натпреварите, но јас се надевам дека наскоро сево ова ќе заврши и ќе можеме да ги вратиме гледачите на стадионите и да се вратиме во нормала – вели Меси. Л.Д.


ХОКЕЈ НА МРАЗ
Во новата сезона на НХЛ клубовите поделени во четири дивизии

Американско-канадската хокеарска лига (НХЛ) и Асоцијацијата на играчи се договорија новата сезона со 56 натпревари што ќе вклучува и плејоф до јули, да почне на 13 јануари. Регуларниот дел од сезоната треба да трае до 8 мај по што треба да следува плејофот со 16 екипи. Во оваа сезона тимовите ќе бидат поделени во четири дивизии, ќе играат само меѓу себе, за да се минимизираат патувањата и потенцијално да се избегне нарушување на сезоната поради ковид-19. Северната дивизија ќе ја сочинуваат седумте канадски екипи, Ванкувер, Едмонтон, Калгари, Винипег, Торонто, Отава и Монтреал. Во трите дивизии во САД, во Источната се Бостон, Бафало, Њу Џерси, Питсбург, Филаделфија, Вашингтон, Њујорк ајлендерс и Њујорк ренџерс. Централната дивизија ја сочинуваат Каролина, Чикаго, Колумбус, Далас, Детроит, Флорида, Нешвил и Тампа беј, а Западната, Аризона, Анахајм, Колорадо, Лос Анџелес, Минесота, Сент Луис, Сан Хозе и Лас Вегас. Во плејофот ќе се пласираат четирите најдобри тима од секоја од четирите дивизии. НХЛ минатата сезона ја заврши во безбедносните „меури“ во Торонто и во Едмонтон. Л.Д.