ФУДБАЛ – АНГЛИЈА
Премиерлигашите третпат ќе расправаат за пет замени

Клубовите од англиската Премиер-лига на денешниот состанок третпат треба да расправаат за тоа да се дозволат по пет замени на фудбалери на натпревар.
Во двата претходни наврата, повеќето клубови го одбија тој предлог, за кој треба да гласаат најмалку 14 клуба. Во преостанатите најсилни европски лиги, како и во Лигата на шампионите (ЛШ) и во Лига Европа (ЛЕ), дозволени се по пет замени на натпревар.
Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп, и неговиот колега од Манчестер сити, Пеп Гвардиола, беа за по пет замени, но кај некои други менаџери постои загриженост дека со тоа т.н. најдобрите шест тима ќе бидат во предност поради поширокиот избор на квалитетни играчи. На минатиот состанок 11 клуба беа за, а девет против петте измени.
Здружението на професионални фудбалери, исто така, ѝ се обрати на Премиер-лигата со барање за итно воведување пет замени поради згуснатиот распоред на натпревари во периодот на Божиќ и Нова година. 


ФУДБАЛ

Мукоко стана и најмладиот стартер во Бундес-лигата

Младиот и талентиран напаѓач на Борусија Дортмунд, Јусуфа Мукоко, постави уште еден рекорд во фудбалската Бундес-лига. Тој беше во почетната постава на мечот на гости против Вердер (2-1), на возраст од 16 години и 25 дена, со што стана најмладиот играч што почнал натпревар во Бундес-лигата.
Мукоко, кој одигра 80 минути во Бремен, неодамна постави уште неколку рекорди. Тој минатиот месец влезе во игра на мечот против Херта (5-2) со што стана најмладиот играч што некогаш заиграл во Бундес-лигата, а потоа пред десетина дена на мечот со Бриж стана и најмладиот играч во Лигата на шампионите. Бундес-лигата неодамна ја спушти границата на минималната возраст на фудбалерите на 16 години, помалку за шест месеци. Мукоко за младите категории на Борусија од 2017 година досега на 88 натпревари постигна 141 гол. Од 2017 година Мукоко е во Борусија, позната по тоа што им дава шанса на млади играчи, како што се Џејдон Санчо, Ерлинг Холанд, Џуд Билингам, Џовани Реина и други. Мукоко има настапувано и за сите млади селекции на Германија, од 16 до 20 години.