Селтик ќе се обиде прв да стигне до 10 титули во низа

Десет титули по ред. Тоа е дамнешната желба на двата големи ривали во шкотскиот фудбал, Селтик и Глазгов ренџерс, откако двата имаа серии од по девет титули во своите истории. Сега Селтик има втора шанса во сезоната 2020/2021, откако ја продолжи својата сегашна низа на девет титули, кога минатата сезона беше прекината.
Целта беше поставена од Селтик од генерацијата што во 1967 година станаа првиот британски клуб што ја освои европската титула. Од 1966 до 1974 година Селтик освои девет последователни првенства на Шкотска. Серијата ја запре Ренџерс.
– Десетката е толку важна бидејќи ќе влезете во историјата како прв тим што ќе го направи тоа. Тие пари што ги заработувате од фудбалот ќе одат со тек на време, но никој не може да ја одземе историјата – вели Алекс Милер, некогашен фудбалер на Ренџерс.
Рекордот стоеше 23 години. До летото 1997 година Глазгов стигна до деветтата титула во низа со тим во кој играа и Брајан Лаудруп, Пол Гаскоин, Али Мекоист…. Селтик ја запре оваа серија во мај 1998
година.


Свонси има минимална предност пред реваншот

Свонси го доби првиот меч против Брентфорд, со 1-0, во полуфиналето од плејофот во англиската фудбалска дивизија Чемпионшип, за пласман во Премиер-лигата. Стрелец на голот беше Андре Ају во 81-та минута, 18-ти гол за него сезоната. Во 63-та минута Ају не искористи пенал по прекршокот над Риан Брустер, позајмениот играч од Ливерпул, кој постигна 10 гола од јануари. Реванш-мечот треба да се игра утре во Брентфорд. Синоќа во второто полуфинале првиот натпревар го играа Кардиф и Фулам (реваншот е закажан за в четврток). Финалето во плејофот е закажано за 4 август на стадионот „Вембли“, од каде што победникот ќе се пласира во најсилната англиска фудбалска лига. Л.Д.


Индивидуални трофеи за Варди, Едерсон и за Де Брујне

Ова беше добра година за англиските фудбалски напаѓачи, особено за Џејми Варди од Лестер, кој постигна 23 гола и ја освои првата „златна копачка“ во кариерата, на 33-годишна возраст (најстариот играч што ја освојува таа награда). „Златната ракавица“ за голманот што не примил гол на најмногу мечеви, 16, ја освои Едерсон од Манчестер сити. Ник Поуп од Барнли прими гол на дуелот со Брајтон во 38-то коло и сезоната ја заврши со 15 меча без примен гол. Рекордот на Тиери Анри од Арсенал според бројот на асистенции (20), стар 17 години, од сезоната 2002/2003, остана несоборен, но сега ќе го дели со Кевин де Брујне од Манчестер сити, кој го израмни и личниот рекорд од 20 асистенции во дресот на Волфсбург, од сезоната 2014/2015.