Спортски вести

ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

За финалистите по околу 20.000 билети

Навивачите на Ливерпул и на Реал Мадрид ќе добијат по 19.618 билети за финалето на фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), што е приближно половина од капацитетот на стадионот „Стад де Франс“ (81.338 места) во Париз, пишува „Би-би-си“.
Европската фудбалска унија (УЕФА) им продаде 12.000 билети на „гледачите низ светот“. Околу 23.000 билети ќе им бидат на располагање на националните асоцијации, на комерцијалните партнери, на ТВ-компаниите, на гостите итн. Билетите за т.н. „специјални гости“ се продаваат преку интернет-страницата на УЕФА и чинат од 4.900 до 8.900 евра.
Ливерпул објави на клупската интернет-страница дека предност при купувањето билети ќе имаат гледачите што присуствувале на шесте натпревари дома и барем на еден меч на гости во ЛШ во сезоната 2019/2020. За преостанатите влезници ќе се организира своевидна лотарија, во која ќе учествуваат навивачите што присуствувале на шесте домашни натпревари сезонава.


ФУДБАЛ

Германија може да има пет тима во ЛШ, а Шкотска два

Германија во идната сезона може да има пет тима во групната фаза на фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), а Шкотска може да има два. Во финалето на Лига Европа сезонава ќе играат германскиот Ајнтрахт и шкотскиот Глазгов ренџерс, а победникот ќе обезбеди директно место во групите на ЛШ. Ајнтрахт во првенството на Германија не е на место што носи пласман во ЛШ, каде што од Германија ќе играат четири тима. Од Шкотска првакот ќе игра во ЛШ, а второпласираниот во третото коло од квалификациите за ЛШ (Селтик води со шест бода повеќе од Ренџерс).


ФУДБАЛ

Потврдени се термините на интерконтиненталните плејофи

Светската фудбалска федерација (ФИФА) потврди дека интерконтиненталните плејоф-мечеви за пласман на Светското првенство (СП) во Катар ќе се играат на стадионот „Ахмад бин Али“ во Доха.
Австралија и Обединетите Арапски Емирати ќе играат на 7 јуни, а победникот од тој дуел ќе се сретне со Перу, на 13 јуни. Победникот на тој натпревар на СП 2022 ќе биде во групата Д, со светскиот шампион Франција, Данска и со Тунис.
Костарика ќе игра со шампионот на Океанија, Нов Зеланд, на 14 јуни за место на СП 2022. Победникот од тој натпревар на Мундијалот ќе биде во групата Е, со Шпанија, Германија и со Јапонија.
Европската фудбалска унија (УЕФА) веќе потврди дека за преостанатото 13-то европско место на финалниот турнир, Шкотска ќе игра со Украина на 1 јуни, а победникот ќе се сретне со Велс на 5 јуни. Победникот на тој меч на СП 2022 ќе биде во групата Б, со Англија, Иран и со САД.