ФУДБАЛ – РАНГ-ЛИСТА НА ФИФА

Бразил во април би можел да биде прв по пауза од речиси пет години?

Репрезентацијата на Бразил може одново да биде прва на ранг-листата на Светската фудбалска федерација (ФИФА), и тоа на листата што треба да биде објавена во април. Бразил моментно е втор, зад првопласираната Белгија.
Во следните десетина дена на програмата се натпревари низ целиот свет, а Бразил треба да се сретне со Чиле дома в четврток и со Боливија на гости на 29 март во квалификациите за пласман на Светското првенство (СП) годинава во Катар.
Бразил одамна обезбеди пласман на СП 2022. Неофицијално, според специјализираните интернет-страници за пресметка на поени за рангирањето, со две победи, Бразил би можел да има вкупно 1.833 поена, а Белгија, пак, со евентуални две победи во пријателските средби со Република Ирска и со Буркина Фасо би имала вкупно 1.832 поена.
Бразил не бил на првото место на листата на Светската фудбалска федерација од септември 2017 година. Белгија е постојано на врвот од септември 2018 година.


ФУДБАЛ

Два тима сезонава настапија во сите три купа на УЕФА

ПСВ (Холандија) и Славија (Чешка) сезонава играа во сите три клупски натпреварувања на Европската фудбалска унија (УЕФА), Лигата на шампионите (ЛШ), Лига Европа (ЛЕ) и во Лигата на конференциите (ЛК).
Холандскиот клуб прво настапи во квалификациите за ЛШ, победи во второто и во третото коло, а потоа загуби во плејофот, по што се пласира директно во групната фаза на ЛЕ. ПСВ Ајндховен во ЛЕ беше трет во групата Б и со тоа има право да продолжи да игра во ЛК, настапувајќи прво во плејоф-колото, потоа и во осминафиналето и сега ќе игра во четврт-финалето. Вкупно сезонава ПСВ Ајндховен досега одигра 16 европски натпревари.
И Славија тргна од квалификациите за ЛШ, од 3. коло, каде што загуби, потоа загуби во плејофот за пласман во ЛЕ и се пласира во групната фаза на ЛК, во која во групата Е беше втора. Потоа настапи во плејоф-колото и во осминафиналето, а сега ќе игра во четврт-финалето. Славија досега сезонава одигра 14 меча во Европа.
Од четвртфиналистите на трите европски купа, Бодо Глимт (Норвешка) има најдолга европска сезона, откако првиот меч го одигра на 7 јули лани, во квалификациите за ЛШ, по што директно се префрли во ЛК, каде што сега ќе настапи во априлското четврт-финале.


АТЛЕТИКА
Два светски рекорда на СП во сала

Атлетичарот од Тринидад и Тобаго, Џерим Ричардс, на Светското првенство во сала во Белград го освои златниот медал во трката на 400 метри, притоа поставувајќи нов светски рекорд, кој изнесува 45 секунди. Второто место му припадна на Американецот Тревор Басит со личен рекорд (45,05), а бронзата замина кај Швеѓанецот Карл Бенгстром (45,33), притоа соборувајќи го државниот рекорд на Шведска. Нов светски рекорд и златен медал имаше и на трката на 1.500 метри во женска конкуренција. Етиопјанката Гудаф Чегај патеката ја истрча за 3.57,19 минути за златен медал. Нејзините сонароднички Аксумавит Ембаје (4:02,29) и Хирут Мешеша (4:03,39) го освоија сребрениот, односно бронзениот медал. Г.И.


Одермат ја потврди доминацијата во велеслалом

Сезонава во велеслалом во Светскиот куп (СК) во алпско скијање за мажи целосно доминираше швајцарската ракета Марко Одермат, качувајќи се на подиумот на сите трки во таа дисциплина, во кои беа вклучени пет победи, како таа во саботата, во финалето сезонава, во Франција.
Одермат го освои и златниот медал на Зимските олимписки игри годинава во Пекинг, а сезонава покрај тоа што го освои малиот кристален глобус за велеслалом (титула во СК) победи и во трката за големиот, за титулата во Светскиот куп.
За вчера беше закажана и последната трка сезонава во слалом, решавачка за малиот кристален глобус во таа дисциплина, а во трката беа петмина скијачи. Покрај Одермат, мали кристални глобуси за триумфи во поединечни дисциплини сезонава освои Александер Омот-Килде (Норвешка) во супервелеслалом и во спуст.


Прв триумф за Слокар, Влхова осми пат на подиумот сезонава

Првата победа во слалом во Светскиот куп (СК) во алпско скијање за жени ја забележа Словенката Андреја Слокар, во саботата. Победничката во вкупниот пласман во слалом сезонава, Петра Влхова од Словачка, беше трета, што е нејзин осми подиум сезонава на деветте трки во таа дисциплина.
Решавачкиот велеслалом во трката за малиот кристален глобус (титулата) во таа дисциплина се возеше вчера, а во конкуренција беа четири скијачки.
Покрај Влхова, освојувачки на мали кристални глобуси сезонава се и Федерика Брињоне (Италија) во супервелеслалом и Софија Гоџа (Италија) во спуст, а победничка во генерален пласман (освојувачка на големиот кристален глобус) е Микаела Шифрин (САД).