ФУДБАЛ – ФИНАЛЕ НА ЛИГА-КУПОТ НА АНГЛИЈА
Ливерпул – Челси, дуел и помеѓу тактичарите Клоп и Тухел

Утрешното финале во фудбалскиот Лига-куп на Англија, помеѓу Ливерпул и Челси, на стадионот „Вембли“ (17.30 ч.), ќе биде и дуел помеѓу германските менаџери, Јирген Клоп и Томас Тухел, чии кариери често се испреплетуваа. Тухел го наследи Клоп прво во Мајнц, потоа и во Борусија Д., а потоа му се придружи и во англиската Премиер-лига. На Клоп му беа потребни четири финалиња за да стигне до првиот трофеј со Ливерпул, во Лигата на шампионите (ЛШ) во 2019 година, откако претходно загуби во Лига-купот и во Лига Европа во 2016-та и во ЛШ во 2018 година. Тухел уште во првата година во Челси триумфира во ЛШ, Суперкупот на УЕФА и на клупското Светско првенство.
Клоп и Тухел досега се соочиле 17 пати. Клоп може да се пофали со девет победи, а Тухел има три. Но на мечевите во Англија, Клоп не успеа да го победи Тухел, кој го предводеше Челси до една победа и до две ремија во Премиер- лигата (нерешените се од сезонава, 1-1 и 2-2). Пред овој натпревар, двата тима, навидум, се на различни нивоа. Ливерпул е во серија добри резултати, 10 победи и едно реми на 11-те претходни меча, и уште се натпреварува на четири фронта, во Премиер-лигата (втор е зад бранителот на титулата, Манчестер сити), во ЛШ и во ФА-купот. Формата на Челси е понепостојана сезонава, во трката за домашната титула има 13 бода помалку од Сити, а е во игра за другите три трофеи. Ова ќе биде дуел и помеѓу цврстата одбрана на Челси и одличниот напад на Ливерпул, кој во Премиер-лигата веќе постигна 70 гола. Одбранбената сила на Челси под водство на Тухел (прими само 18 гола во првенството) ги претвори во вистински специјалисти за куп-натпревари. Л.Д.


ФУДБАЛ – ОСМИНАФИНАЛЕ НА ЛИГА ЕВРОПА
„Специјалистот“ Севилја против Вест хем

Во седиштето на Европската фудбалска унија (УЕФА), Нион, беше влечена ждрепката за осминафиналните двојки во Лига Европа (ЛЕ), која беше полудиригирана, што значи дека во оваа рунда меѓу себе нема да играат тимови од иста земја. Осумте победници во групите во ЛЕ, реваншите ќе ги играат на домашен терен.
Еден од поинтересните дуели е Севилја – Вест хем, за кој реакциите во Англија се дека шансите на двата тима се 50-50 и оти е можно Вест хем двапати, во период од два месеца, да патува во Севилја каде што треба да се игра финалето, на стадионот „Рамон Санчез-Пизхуан“, на 18 мај. Порто и Бетис ќе ги играат првите натпревари дома на 9 март, за да не се совпаднат со мечевите на Брага, односно на Севилја. Другите натпревари ќе се играат на 10 март, а реваншите се на 17 март.
Шпанија е најуспешна земја според бројот на тимови што триумфирале во ова натпреварување, пет. Севилја е вистински специјалист за ЛЕ со шесте трофеи (без ниту еден пораз во финалето), Атлетико има три, Реал Мадрид два, а по еден Валенсија и ланскиот победник Вилјареал.

ОСМИНАФИНАЛЕ

Бетис – Ајнтрахт 9 март
Порто – Лион 9 март
Ренџерс – Црвена звезда 10 март
Брага – Монако 10 март
Аталанта – Баер 10 март
Севилја – Вест хем 10 март
Барселона – Галатасарај 10 март
Лајпциг – Спартак М. 10 март

Реваншите се на 17 март


ФУДБАЛ
Три некогашни европски прваци во трка за трофејот во Лигата на конференциите

Некогашните европски прваци Марсеј, ПСВ Ајндховен и Феенорд се пласираа во осминафиналето на првата сезона на новото клупско натпреварување на Европската фудбалска унија (УЕФА), Лигата на конференциите. Неделава заврши плејофот и се одредија двојките за осминафиналето, а од тимовите што сезоната ја почнаа во Лига Европа, а потоа настапија во плејофот, во осминафиналето се пласираа Марсеј, ПСВ и Лестер. Двојките: Марсеј – Базел, Лестер – Рен, ПАОК – Гент, Витесе – Рома, Партизан – Феенорд, ПСВ – Копенхаген, Славија Прага – ЛАСК, Бодо – АЗ Алкмар. Првите мечеви се на 10 март, а реваншите седум дена подоцна.