Фото: Игор Бансколиев

ФУДБАЛ
Челси и понатаму е без примен гол од игра на гости

Лидерот во англиската фудбалска Премиер-лига и актуелен европски првак, Челси, на супериорен начин го совлада Лестер на гости со 3-0. За Челси тоа беше четврта победа на петте натпревари на гости во Премиер-лигата сезонава и уште е без примен гол од игра. Единствените бодови што ги испуштија на гостувањата беа при ремито со Ливерпул (1-1), кога во второто полувреме имаа играч помалку. Импресивен е и одбранбениот ефект на „сините“ сезонава, само четири примени и 30 постигнати гола на 12 натпревари (девет победи, две ремија и еден пораз). Дури 15 различни играчи постигнале голови сезонава, најмногу од сите тимови, меѓу нив центархалфот Антонио Ридигер, бекот Бен Чилвел и играчот за врска, Н’Голо Канте. Л.Д.


Клоп: Ова беше мешавина од зрела и возбудлива игра

Ливерпул ја прекина серијата од 10 меча без пораз на Арсенал во сите натпреварувања, победувајќи го со убедливи 4-0 во натпревар од англиската фудбалска Премиер-лига. Садио Мане постигна гол (првиот на средбата) и на петтиот меч во низа дома во сите натпреварувања. Асистент на два гола за „црвените“ беше бекот Трент Александер-Арнолд, за него шест сезонава, само една помалку од Мохамед Салах и од Пол Погба.
– Одигравме исклучителен натпревар, како што минуваше времето станувавме сѐ подобри. Го контролиравме натпреварот на добар начин со одлични работи во вистинските моменти. Ова беше мешавина од зрела и возбудлива игра – изјави менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп. Л.Д.


Џерард е првиот менаџер на Астон вила по 23 години што победува на дебито

Легендата на Ливерпул, Стивен Џерард, дебито на менаџерската позиција во англиската фудбалска Премиер-лига, на клупата на Астон вила го обележи со победа над Брајтон, со 2-0. Џерард доби громогласни аплаузи од полниот стадион пред и по мечот. Тој е првиот менаџер на Астон вила што победува на дебито по Џон Грегори во 1998 година.
– Чувствувам комбинација од многу нешта, мешавина од возбуда, олеснување и гордост. Ова беше голема недела, голем натпревар за тимот што ги загуби претходните пет меча. Сѐ што побаравме од нив направија. Во мене сѐ уште е она што го имав и како играч, волјата за победа, желбата и енергијата. Се обидувам да ги контролирам емоциите, но понекогаш е како да ја шутирам секоја топка – изјави Џерард.


ФУДБАЛ – ИТАЛИЈА
Влаховиќ израмни клупски рекорд стар 61 година

Душан Влаховиќ од Србија постигна два гола за Фиорентина во победата во меч од фудбалското првенство на Италија, над Милан со 4-3 на стадионот „Артемио Франки“ во Фиренца, со што ја прекина серијата од 13 меча без пораз на „миланезите“ во Серија А сезонава. Влаховиќ во 2021 година постигна 27 гола во Серија А, со што го израмни клупскиот рекорд на Курт Хамрин од Шведска од 1960 година. „Виолетовите“ од Фиренца се шести на табелата со 21 бод, четири помалку од позициите што носат пласман во Лигата на шампионите. По првиот првенствен пораз сезонава, Милан остана на 32-та бода колку што има и лидерот Наполи, кој синоќа му гостуваше на третопласираниот Интер (25 бода).