Гвардиола првпат загуби три меча во низа на гости

Саутемптон го совлада фаворитот Манчестер сити со 1-0, што беше трет пораз во низа на гости на „граѓаните“ (претходно од Манчестер јунајтед со 0-2 и од Челси со 1-2) во англиската фудбалска Премиер-лига. Тоа беше и прва таква серија во тренерската кариера на Пеп Гвардиола, на клупата на Барселона, Баерн и на Манчестер сити. Тоа беше и деветти пораз сезонава за Сити, најмногу по сезоната 2015/2016 (10 под водство на Мануел Пелегрини), и најмногу за Гвардиола во кариерата.
– Игравме повеќе од добро, но тоа не е доволно за да се победува. Навистина не ми е јасно како загубивме толку мечеви – рече Гвардиола, чиј тим има шанса за освојување два трофеја сезонава, Лигата на шампионите и ФА-купот. Л.Д.


Ливерпул ќе израмнува рекорд на Сандерленд, стар 128 години

Англискиот фудбалски првак Ливерпул ја забележа 17-та победа сезонава на стадионот „Енфилд“, против Астон Вила, со 2-0 или вкупно 24-та едноподруго. На „црвените“ им се потребни уште две победи на преостанатите два домашни меча сезонава, со што би го израмниле рекордот на Сандерленд, кој пред 128 години, во сезоната 1891/92 ги доби сите домашни дуели (вкупно 13). На пет кола до крајот на првенството Ливерпул има 89 бода и има шанса да го собори и рекордот на Манчестер сити за освоени бодови во една сезона (100). Фудбалерот на Ливерпул, Мохамед Салах, беше инволвиран при постигнување на 100-от гол во кариерата во Премиер-лигата, на 116-от настап (73 гола и 27 асистенции) со што се израмни со Ерик Кантона. Само на Алан Ширер му беа доволни помалку мечеви (100) за да стигне до тоа остварување. Л.Д.


За Меси 19 асистенции, за Барселона 9.000 гола

Лионел Меси (33) испиша нова страница во книгата на рекорди со асистенцијата за Антоан Гризман за третиот гол за Барселона на мечот против Вилјaреал, на гости, 4-1, во шпанската фудбалска Ла лига. За Меси тоа беше 19-та асистенција во првенството на Шпанија сезонава, рекордна за него. Тој имаше по 18 асистенции во сезоните 2010/2011 и 2014/2015. Меси води на листата на најдобри стрелци во Шпанија сезонава со 22 гола, пет повеќе од Карим Бензема, од Реал Мадрид. Ансу Фати го постигна четвртиот гол за Барселона, и тоа е вкупно 9.000 во сите конкуренции за шпанскиот клуб (6.615 во Ла лига, 1.474 во „кралскиот“ куп, и 543 во ЛШ). Првиот гол Каталонците го постигнаа во април 1909 година. Барселона на четири кола до крајот на сезонава е втора на табелата со 73 бода, четири помалку од лидерот Реал Мадрид. Л.Д.