ФУДБАЛ – АНГЛИЈА

Џерард како менаџер на Астон вила на 11 декември се враќа во Ливерпул

Стивен Џерард е назначен за нов менаџер на англискиот фудбалски премиерлигаш Астон вила. Поранешниот капитен на Ливерпул го напушти шкотски Глазгов Ренџерс по три и пол години и со клубот од Бирмингем потпиша три и полгодишен договор. За него ова е прва менаџерска работа во Премиер-лигата. Астон вила е на 16-то место на табелата по 11 кола, со два бода над зоната за испаѓање. Дебито на Џерард се очекува на 20 ноември, со мечот дома со Брајтон, а на 11 декември, на пример, е мечот на гости кај Ливерпул.
– Астон вила е клуб со богата историја и традиција во англискиот фудбал и јас сум неизмерно горд што станав негов нов менаџер. Би сакал да изразам искрена благодарност до сите поврзани со Ренџерс што ми дадоа можност да работам во таков клуб и да му помогнам да ја освои рекордната 55-та титула – изјави Џерард на промоцијата.
Џерард (41) одигра 710 меча за Ливерпул и освои девет трофеи, меѓу кои најзначајни се оние во Лигата на шампионите во 2005 година и во Купот на УЕФА во 2001 година. За репрезентацијата на Англија настапи 114 пати и постигна 21 гол.


ВЕЛОСИПЕДИЗАМ – ЏИРО Д’ИТАЛИЈА 2022

Од Будимпешта, преку Етна, до Верона

На Џиро д’Италија 2022, 105-то по ред, прв во календарот од трите велосипедски грантур-трки, покрај Тур де Франс и Вуелта, ќе се вози 21 етапа (со два дена одмор), во вкупна должина од 3.392 км. Стартот е во Будимпешта, Унгарија, на 6 мај, а големото финале во Верона, на 29 мај. Организаторите објавија дека на Џиро 2022 ќе има седум спринтерски етапи, од кои првите две во Унгарија, каде што ќе се возат првите три етапи, по што велосипедистите се селат во Италија, на Сицилија, од Авола до Етна, потоа Катанија – Месина итн. Ќе има и шест искачувања, од кои четири со завршетоци на планински врвови.
– Со шест планински етапи, јасно е дека Џиро д’Италија в година ќе биде уште една тешка трка. Првата планинска завршница по нагорнината на Етна ќе биде многу важна – вели победникот од годинава, Колумбиецот Еган Бернал.
Победникот во вкупен пласман и носител на розовата маичка во боите на иницијаторот и прв организатор во 1909 година, спортскиот дневен весник „Газета дело спорт“, се очекува, како и минатите години, да добие 115.668 евра, второпласираниот 50.000, а третопласираниот 30.000 евра.