ФУДБАЛ
Несудените суперлигаши остануваат членови на ЕКА

На деветте клуба што ја напуштија отцепената европска суперлига, ќе им биде дозволено да го задржат членството во Европската клупска асоцијација (ЕКА) до 20123 година. Тоа се шесте англиски клуба, Арсенал, Челси, Тотенхем, Ливерпул, Манчестер сити, Манчестер јунајтед, италијанските Милан и Интер и шпанскиот Атлетико, кои ја напуштија ЕКА во април. Од ЕКА велат дека на деветте клуба им било дозволено да го задржат членството „по исцрпен процес на повторно ангажирање“ и оти со тоа завршува „жалната и турбулентна епизода“ за фудбалот.
Барселона, Реал Мадрид и Јувентус не се вратени назад во ЕКА. Тие се трите од 12-те основачки клуба, членки на Суперлигата, што не се откажаа од отцепеното натпреварување. Претседателот на Јувентус, Андреа Ањели, се повлече од функцијата претседател на ЕКА, телото што ги застапува интересите на професионалните клубови во Европа и беше заменет со претседателот на Пари сен Жермен, Насер ал Келаифи, откако беа објавени плановите за новата лига во април.
Во јули, Јувентус, Барселона и Реал повторија дека ќе продолжат со реализацијата на своите планови, тврдејќи дека успешно се справуваат со казната од УЕФА. Претходно во текот на летото, деветте клуба што се дистанцираа беа парично казнети од УЕФА. Премиерлигашите исто така, се согласија да направат посебна исплата на „добра волја“ во вкупна вредност од 22 милиони фунти (околу 25 милиони евра) во јуни.


ФУДБАЛ
Барселона должи 1,35 милијарда евра

Претседателот на Барселона, Жоан Лапорта, откри дека долгот на клубот изнесува 1,35 милијарда евра, а ситуацијата во клубот ја опиша како „многу загрижувачка“. Трошоците за плати во Барса во моментов изнесуваат 103 отсто од вкупниот приход, пишува „Би-би-си“.
Лапорта за долгот го обвинува претходникот Пеп Марија Бартомеу, велејќи дека оставил „страшно наследство“. Продолжувањето на договорот на Лионел Меси ќе значеше дека на плати ќе одеа 110 отсто од приходите, поради што Ла лига одби да го верифицира.
– Нашите плати претставуваат 103 отсто од вкупниот приход на клубот, што е за 20-25 отсто повеќе од нашите конкуренти. Првото нешто што требаше да го направиме кога го презедовме клубот беше да побараме заем од 80 милиони евра, оти, во спротивно, ќе немавме пари за плати. Претходното раководство многу лажеше, постојано. Барселона има негативна нето-вредност од 451 милион евра, тоа е страшно наследство. Ова што се случува е многу загрижувачко – истакна Лапорта на прес-конференцијата.
Минатата недела Бартомеу во отвореното писмо се бранеше дека финансиските мерки што планирал да ги преземе, доколку не беше принуден да поднесе оставка во октомври, ќе му овозможеле на Меси да остане. Лапорта го опиша писмото на Бартомеу како „обид да се оправда менаџирањето што е неоправдано“ и „вежба во очај“, додавајќи: „Тие нема да избегаат од тоа што го направиле“.


Без гледачи и на Параолимписките игри

Ќе нема гледачи на претстојните Параолимписки игри (ПОИ) во Токио, кои треба да се одржат од 24 август до 5 септември, поради проблемите со коронавирусот со кој се соочува главниот јапонски град, потврдија организаторите.
– Многу жалиме што оваа ситуација влијае врз Параолимписките игри. Искрено им се извинуваме на сите купувачи на билети што со нетрпение очекуваа да ги гледаат натпреварите на спортските борилишта. Се надеваме дека разбирате оти овие мерки се неизбежни и се спроведуваат со цел да се спречи ширењето на инфекцијата. Ви препорачуваме Игрите да ги гледате безбедно од дома – се истакнува во соопштението на организаторите.
Освен на стадионите, од навивачите беше побарано да не присуствуваат и на настаните надвор, на патиштата. Организаторите потврдија дека ќе нема гледачи на натпреварите во Токио, Саитама, Чиба и во Шизуока поради високата стапка на инфицирани во тие региони. На учениците сепак ќе им биде дозволено да присуствуваат на барање од локалните власти или од училишните администратори.
На навивачите им беше забрането присуство на трибините во главниот град за време на Летните олимписки игри (ЛОИ), а на некои настани што се одржаа во некои други региони, беше дозволена исполнетост на капацитетот до 50 отсто.