Жоржињо 10-ти фудбалер со две европски титули во иста година

Играчот на Челси, Италијанецот Жоржињо, стана 10-от фудбалер што во иста година освоил две европски титули, клупска и репрезентативна, со настап во двете финалиња. Претходно такво нешто им успеало на Луис Суарез во 1964 година, со Шпанија и со Интер, на Ханс ван Брукелен, Роналд Куман, Бери ван Ерле и на Џералд Ваненбург во 1988-та, со Холандија и со ПСВ, на Фернандо Торес и на Хуан Мата во 2012 година, со Шпанија и со Челси, и на Кристијано Роналдо и на Пепе во 2016 година, со Португалија и со Реал Мадрид.

Роналдо голгетерскиот рекорд го заокружи со „златна копачка“

Португалецот Кристијано Роналдо со пет гола и една асистенција ја освои „златната копачка“ за најдобар стрелец на Европско првенство (ЕП) 2020 во фудбал. Тоа е прв ваков трофеј за Роналдо на ЕП. Тој на ова ЕП стана и најдобар стрелец вкупно на континенталните шампионати со 14 гола. Пет погодока на ЕП 2020 постигна и Патрик Шик од Чешка, но немаше асистенција, што е првиот начин на раздвојување на стрелците со еднаков број голови.

Рекорд – четири часа „прекувремено“ играње фудбал

На Европското првенство (ЕП) 2020 се играше најмногу фудбал, откако осум меча траеја по 120 минути. Продолженија се играа во осминафиналињата Италија – Австрија, Хрватска – Шпанија, Франција – Швајцарија и Шведска – Украина, потоа во четврт-финалето Швајцарија – Шпанија, во двете полуфиналиња, Италија – Шпанија и Англија – Данска, како и во финалето Италија – Англија. Од нив на пенали беа решени четири средби. На ЕП 2016, кога првпат се играа осминафинални средби (дотогаш по групите прво на програмата беа четврт-финалиња) продолженија се играа на пет меча.

ЕП ќе се прошири на 32 репрезентации?

Европската фудбалска унија (УЕФА) ја разгледува опцијата за проширување на европските првенства (ЕП) од 24 на 32 репрезентации учеснички, што доаѓа во моментот кога е во тек кандидирањето за ЕП 2028, за чиј домаќин треба да се реши до крајот на 2023 година, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП), повикувајќи се на извори од УЕФА. До 1976 година на ЕП играа по четири репрезентации, потоа до 1992 година по осум, поделени во две групи, до 2012 година по 16 селекции, во четири групи, и од 2016 година по 24 репрезентации, поделени во шест групи. Нема јасна временска рамка кога УЕФА би донела одлука за проширување на ЕП, пишува АП.