ФУДБАЛ – ГЕРМАНИЈА
Левандовски е сѐ поблиску до врвни достигнувања на Милер

Баерн забележа рутинска победа над Хофенхајм, со 4-1, во 19-та првенствена рунда во фудбалската Бундес-лига, по која се задржа на лидерската позиција со седум бода предност пред Лајпциг. Хофенхајм е единствената екипа што сезонава го совлада Баерн, со идентични 4-1, во второто коло. Роберт Левандовски постигна еден гол, на деветтиот меч во низа. Неговиот рекорд е 12 средби по ред, а на Бундес-лигата 16 (на Герд Милер од сезоната 1969/1970). Левандовски сезонава има 24 првенствени гола, со што е сѐ поблиску до рекордот на Милер, кој во сезоната 1971/1972 постигна 40.


АНГЛИЈА
Јунајтед собори гостински клупски рекорд стар 21 година

Манчестер јунајтед ремизира на гости во дуел од фудбалската Премиер-лига на Англија, со Арсенал, 0-0, прв меч без голови меѓу овие два тима од 2014 година. Арсенал е непоразен на последните шест првенствени натпревари против Јунајтед, откако загуби дома и на гости во сезоната 2017/2018. Тоа е најдолгата серија на „топчиите“ без пораз против Манчестер јунајтед во Премиер-лигата, по онаа од октомври 1980 до мај 1983 година.
Јунајтед е без победа на петте натпревари во Премиер-лигата против Арсенал под водство на Оле Гунар Солскјер. Но затоа, пак, тимот предводен од Солскјер, со ремито против Арсенал остана непоразен на 18-от меч во низа на гости (13 победи и пет ремија), од февруари 2020 година, што е нов клупски рекорд, подобар од оној на генерацијата од 1999 година, која освои тројна круна и која не беше поразена на 17 гостувања по ред.


ФУДБАЛ
Девет различни лидери сезонава во Англија

Од воспоставувањето на англиската фудбалска Премиер-лига, во 1992 година, никогаш немало толку многу водечки екипи во една сезона, откако Манчестер сити им се приклучи на Арсенал, Лестер, Евертон, Ливерпул, Тотенхем, Саутемптон, Манчестер јунајтед и на Челси. Сите овие девет тима биле барем една вечер првопласирани во Премиер-лигата сезонава, пишува шпанскиот дневен спортски весник „Марка“. Според „ПА графикс“, со тоа е соборен рекордот со по осум лидери од сезоните 2007/2008, 2002/2003, 2001/2002 и 1998/1999, пренесува „Марка“.


ШПАНИЈА
Барди асистент во победата на Леванте на гости кај Реал

Бранителот на титулата во шпанската Ла лига, Реал Мадрид, загуби дома од Леванте, со 1-2, откако од деветтата минута играше со 10 фудбалери поради исклучувањето на Милитао. Во тимот на Леванте во 60-та минута во игра влезе македонскиот репрезентативец Енис Бадри, кој му асистира на Роџер Марти при постигнувањето на победоносниот гол во 78-та минута. По четвртот пораз сезонава, Реал има негатива од седум бода (и два меча повеќе) зад лидерот Атлетико, кој вчера попладне играше дома со Кадиз. Реал Мадрид неодамна беше елиминиран од „кралскиот“ куп, по што шансата за освојување трофеј сезонава ќе мора да ја побара во Лигата на шампионите. Во осминафиналето Реал Мадрид се среќава со Аталанта, на 24 февруари и на 14 март.


ФУДБАЛ – ВО ПРЕСРЕТ НА СВЕТСКОТО КЛУПСКО ПРВЕНСТВО
Рекорди на Крос, Роналдо, Суарез, Перез, Пато…

Тони Крос учествуваше во финалето на клупското Светско првенство (СП) на Светската фудбалска федерација (ФИФА) пет пати и ги освои сите пет трофеи, и тоа турнирот во 2013 година со Баерн, а потоа во 2014, 2016, 2017 и во 2018 година како играч на Реал Мадрид, пишува ФИФА на својата интернет-страница пред новото издание на клупското СП, од четврток во Катар.
Головите се она што го прави Кристијано Роналдо водечки стрелец во историјата на натпреварувањето, откако еднаш запиша гол за Манчестер јунајтед во 2008 година, четири пати за Реал Мадрид во 2016 година и двапати за истата екипа следната година. Герет Бејл е следен со шест гола, а Цезар Делгадо, Лионел Меси и Луис Суарез имаат по пет. Сите голови на Суарез беа на турнирот во Јапонија во 2015 година, што го прави водечки стрелец на едно издание.
Од другите податоци, пет финалиња досега на клупското СП не биле на тимови од Европа наспроти екипи од Јужна Америка, четири фудбалери постигнаа по три гола на еден меч (хет-трик), највозрасен учесник со 44 години е Оскар Перез, кој го чуваше голот на Пачука против Гремио во полуфиналето во 2017 година, а 17 години и три месеци беше возраста на која Александар Пато го собори рекордот на Пеле, за репрезентацијата на Бразил против Велс на СП во Шведска во 1958 година, за да стане најмладиот стрелец на сениорскиот турнир на ФИФА за мажи…