Со расизмот во Италија нема напредок и тоа претставува сериозен проблем, вели претседателот на ФИФА, Инфантино

Првиот човек на италијанската Серија А, Луиџи де Сиерво, најави жестока борба против расизмот на италијанските фудбалски стадиони.
– Во борбата против расизмот ќе користиме напредна технологија. Расистите ќе ги откриваме еден по еден со помош на технологија за препознавање лица. На нашите стадиони има расисти, а ние имаме нула толеранција кон расистите и затоа ќе се обидеме со помош на технологијата да ги фатиме и никогаш повеќе да не влезат на стадионите – порача Де Сиерво.

Италијанските фудбалски власти во последно време се жестоко критикувани како недоволно ангажирани во борбата против расизмот. Претседателот на Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА), Џанини Инфантино, ги повика Италијанците итно да ги решат расистичките нереди на стадионите, оти расизмот во италијанскиот фудбал станал сериозен проблем.

– Прашањето во врска со расизмот во Италија нема напредок и претставува сериозен проблем – изјави првиот човек на фудбалот, Инфантино, во една од италијанските телевизии.

Ова огласување на Инфантино дојде по последниот инцидент што се случи за време на дуелот помеѓу Аталанта и Фиорентина. Натпреварот во првото полувреме за кратко беше прекинат откако навивачите на Аталанта, на расна основа, го навредуваа Бразилецот од редовите на Фиорентина, Далберт Хенрике.
Слични расистички инциденти сезонава се забележани и на натпреварите во Верона и во Каљари.