Со Душан Варагиќ највисок пласман, шести во Југославија. За Георгиев една од потешките сезони беше 1969/70 кога Вардар испадна од Првата лига. Предводени од Џина, вардарците веќе следната сезона се вратија во елитата

ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (188) ДИМЕ ГЕОРГИЕВ (2)

 

Интересна беше кариерата на Диме Георгиев, кој на млади години пристигна во Вардар и полека стана стандарден во првиот тим. За патот до првата екипа, а и за оној меч од Балканскиот фудбалски куп со Олимпијакос во Атина, кога беше еден од најдобрите во тимот, пишував минатиот понеделник. Тој настап за него беше охрабрувачки, а за стратегот Хуго Рушевљанин и за тренерот Фрањо Пазмањ значеше потврда дека не случајно толку многу верувале во ова момче. Од тоа време кога Диме го отвораше патот на прволигашката сцена, тој посебно се сеќава на два меча, тој со нишки Раднички и чудниот меч со Партизан.

НАЈДОБАР, А СО НАЈСЛАБА ОЦЕНКА

– Пред средбата со Раднички Хуго ме повика и ми рече: „Диме ти ќе се ’залепиш‘ до Радивоевиќ и нема да му дозволиш да прими топка“. Јас буквално го сфатив шефот и си помислив, сега ако одиграм добро и го „затворам“ опасниот напаѓач на нишлиите, за мене ќе биде супер ќе обезбедам сигурно место во првата постава. И навистина така беше. Радивоевиќ топка не „пипна“. Во тие моменти од јужната трибина некој од гледачите викна „само така стари“. И верувајте, оттогаш ми остана прекарот Диме-Стари. Како дојде до тоа и сам не знам, особено што бев меѓу најмладите во тимот. Но тоа стари гледачот веројатно го извика од задоволство зашто изгледав сигурно, како искусен ветеран. Но иако бев задоволен од играта, другиот ден од дописникот на „Спорт“, Павле Дамјанов, добив најниска оценка, петка. Хуго беше лут на ова и кога Дамјанов дојде на тренингот следниот ден, Рушевљанин му се „нафрли“ и му вели, како можеше на најдобриот наш играч да му дадеш петка. Тој играше најмалку за седумка, луто му рече на Дамјанов, кој ја наведна главата и си замина. Инаку, двајцата беа од Војводина и беа добри пријатели. Лутината кратко траеше – вели тој.
Диме Георгиев се сеќава и на чудниот меч со Партизан, за кој тогаш настапуваа Васовиќ, Рашовиќ, Пирмаер, Бечеац, а на голот беше Ќурковиќ.
– Поведовме од корнер. Тоа како да го разлути Партизан, кој тргна во напад и поведе со 4-1. Цело прво полувреме истураше дожд. Во паузата Хуго на изненадување на сите ни рече: „Браво момци продолжете да се борите, тие немаат сили, не ќе можат да издржат“. Но во почетокот од второто полувреме дождот престана и Баиќ го постигна петтиот гол. Е, веќе ова ја прелеа чашата и тоа како да беше знак за нас и ние да се разиграме. Шулинчевски брзо постигна гол за 5-2, Сократ Мојсов е прецизен за 5-3, а веднаш потоа и за 5-4. Партизан потоа изведе еден напад, Дробац ја извади топката од гол, а јас ја шутнав во публиката. Тоа беше и единствената шанса на „црно-белите“ по петтиот гол. Одвај одеа, ги претрчувавме кога сакаме, но, за жал, не израмнивме. Овој меч, не само мене туку на сите актери ни остана длабоко врежан во меморијата – ни ја пренесува сликата од тој натпревар Георгиев.
Потоа се редеа нови натпревари, во кои Георгиев секогаш имаше место во тимот. Тој беше итар фудбалер, вистински градител на играта, но и голем борец, што особено ги импресионира гледачите.

ХУГО ЗАМИНУВА, ДОАЃА ВАРАГИЌ

По онаа револуција што ја донесе на организациски план Хуго Рушевљанин дојде еден критичен период, во кој управата немаше сили да ги следи барањата на својот стратег, па така дојде до извесна криза. Тоа го почувствува и самиот Хуго, па не сакајќи да ги изложува на дополнителни напори членовите на Управниот одбор, реши да си замине. Меѓутоа, зад себе остави многу работи на кои Вардар долго време се потпираше.
– Ние фудбалерите жалевме што си замина Хуго, зашто чувствувавме дека е тоа човек со многу идеи, корисни за развојот на клубот. Кај Хуго беше карактеристично што тој не остануваше само на тоа да пласира нешто ново како идеја, туку беше човек од акција, кој се залагаше и да се реализира таа идеја. Но, ете, поради некои несогласувања (мислам дека не беа во прашање финансиите), иако Скопје и публиката му „легнаа на срце“, дури и се ожени за Македонка, го напушти клубот и замина во други средини. Сепак, добра работа беше што една година, откако дојде за тренер Варагиќ, Хуго остана во Вардар и даде голем придонес екипата во 1966/67 да го освои осмото место – вели Диме Георгиев, кој во тие година стана и стандарден првотимец.
Во времето на Рушевљанин имаше повеќе обиди да се доведат играчи од други клубови, но тие малку време остануваа во Вардар. Само бекот Јован Дробац стана стандарден и без него од 1965 до 1970 година не можеше да се замисли вардаровата одбрана. Потоа, кога Хуго дефинитивно замина, а кормилото сам го презеде Душан Варагиќ, Дробац и понатаму беше една од главните алки во тимот, но овој пат беа „погодени“ и другите засилувања.

– Тогаш дојде Лазар Плачков, а што е најважно за Вардар во тој период го доби својот најдобар голман, Драган Мутибариќ. Популарниот Муто веднаш ѝ стана миленик на публиката, а во тоа време кариерата ја почнуваше уште една легенда на клубот, Кочо Димитровски. Нешто подоцна Вардар се засили и со Врбица, кој стана голгетер на тимот. Така, Вардар имаше состав што им парираше на сите прволигаши. Тогаш одигравме многу квалитетни мечеви, стадионот речиси секогаш беше исполнет, а бевме интересни и на гостувањата. Среќен сум што токму во времето кога бев стандарден во Вардар екипата го забележа најдобриот пласман во Првата лига, 6. место (1968 г.). Значајна улога одиграа повеќе фудбалери што оставија силен печат во Вардар, како Спасовски, Илиевски, Мечкаров, Плачков, Дробац, Шулинчевски, Дончиќ, Велковски, Сребров, Рац, С. Мојсов и постариот брат Илија кому ова му беше последна сезона, потоа Врбица и голманите Мутибариќ и Атанасовски – вели Диме Георгиев.

ИСПАЃАЊЕ И ВЕДНАШ ВРАЌАЊЕ ВО ЕЛИТАТА

Вардар го одржа своето ниво и следната година, кога беше десетти, но веќе во сезоната 1969/70 запаѓа во криза и испаѓа од Првата лига. Никој не може да ја објасни агонијата во која се најде тимот, зашто горе-долу на располагање беше речиси истиот играчки кадар.
– Но, таков е фудбалот. Секогаш работите не одат во посакуваната насока, но битно е ние, фудбалерите, да не се разочараме и цврсто да останеме на нозе. Верувавме во себе, а бевме и среќни што за тренер дојде легендата на Вардар, Партизан и на југословенскиот фудбал Кирил Симоновски-Џина. Тој беше новомаалец и одлично го познаваше нашиот менталитет. Знаеше да биде строг и со остар поглед да покаже колку е лут, за потоа да направи некоја шега и сите да нѐ расположи. Навистина Џина беше посебен, неговото фудбалско знаење и искуство беа големи, со еден збор тој беше вистинската личност за Вардар, за него многумина знаеја да кажат „спасителот на Вардар“ – продолжува Георгиев.
И навистина со Џина на кормилото, Вардар го изоде второлигашкиот пат, го освои првото место, но го очекуваа и дополнителни квалификации, со Будуќност и со Осиек.
– И тука во тие нокаут-мечеви Џина имаше своја стратегија. Другите тренери не му беа дораснати и не можеа да го надмудрат. Тој секогаш ќе искомбинираше нешто ново и ќе ги изненадеше. Така, по една година во Втората лига, Вардар се врати во прволигашкото друштво – вели Георгиев.

Диме Георгиев ги бранеше боите на скопскиот тим уште четири години, за потоа заигра за Куманово и за Тетекс, во кој остана две и пол години. Кога требаше да направи трансфер во Лариса, на тренинг се повреди и наместо во Грција, во 32-та година дојде крај на неговата играчка кариера.
– Потоа продолжив како тренер. И од тие времиња имам убави спомени, а некои што ги водеа клубовите до денеска ми се пријатели. Инаку, прво бев во младинскиот погон на Тетекс, а од Илија Игњатовски, кој беше голем стручњак бев ангажиран и во младинските селекции на Македонија. Тренерската кариера ја продолжив во Кожуф, потоа и во Вардарски, со кој за чекор заостанавме зад Победа и не бевме први во МФЛ. Бев тренер во Скопје, Битола, повторно во Вардарски, па бев и во скопски Комуналец, за на крајот да бидам координатор на младинските селекции во ФФМ. На ова место дојдов во времето на Ламбе Арнаудов. Работев со вистински професионалци како Баже Лазаревски и Жарко Оџаков, но по смената на Арнаудов, дојде и до наша смена – вели Диме.
Диме Георгиев имаше долга и богата кариера, градена пред сѐ низ тешките прволигашки битки. Затоа, тој останува запишан како една светла точка во вардаровата, но и во македонската фудбалска историја.