Денешниот меч од 15 часот во Букурешт, во второто коло на ЕП 2020, ќе биде петти помеѓу Македонија и Украина. На Македонија ѝ е потребна победа или барем реми за какви било бодовни калкулации и пласман што води во осминафиналето

За Македонија мечот против Украина попладнево (15 часот) на арената „Национал“ во Букурешт е решавачки за натамошниот тек на фудбалското Европско првенство (ЕП). На Македонија ѝ е потребна победа или барем реми за какви било бодовни калкулации и пласман што води во осминафиналето, по поразот од Австрија (1-3) во првото коло. Во слична ситуација се и Украинците, кои во премиерниот меч беа поразени од Холандија со 2-3, па оттаму за очекување е овој натпревар да понуди многу неизвесност и возбудувања.

Двете репрезентации, иако беа поразени на отворањето на ЕП, имаат причина за оптимизам. Македонија беше рамноправна во добар дел од мечот со Австрија, Горан Пандев го постигна првиот историски погодок за Македонија на дебито на ЕП, а имаше и неколку изгледни шанси за гол. Украина, пак, возврати по негативата 0-2, постигна два гола за четири минути и беше блиску до реми.

За очекување е Македонија против Украина да настапи со истите 11 од мечот со Австрија, со евентуални мали промени, и со истата формација, 3-5-2 или 3-4-1-2. Македонија одигра добро против Австрија, иако не функционираше сѐ најдобро.
– Овој тим никогаш нема да се предаде. Ќе се бориме докрај, ќе се бориме да ја поминеме групната фаза – вели Александар Трајковски, кој се очекува да го предводи нападот на Македонија.

Украинците ќе сакаат да се вратат на победничките патеки и да направат исчекор кон место што води во следната рунда. Селекторот Андриј Шевченко беше задоволен од изданието на своите избраници на првиот меч, посебно го пофали нивниот карактер и „враќањето во игра“ по негативата од 0-2. Најверојатно против Македонија тој ќе игра со истиот тим, можеби без Олександар Зубков, кој се повреди на мечот со Холандија, во формација 4-3-3 или 4-2-3-1.

– Македонија нема играчи како Мемфис Депај, Френки де Јонг или Џорџинио Вајналдум, но тие имаат добар тимски дух, тоа се чувствува. Тие имаат јасна идеја на теренот, се борат храбро. Ова ќе биде еден од најтешките натпревари досега за нашиот тим. Треба само да се фокусираме на нашата игра, да го почитуваме противникот и да бидеме агресивни – вели напаѓачот Роман Јаремчук, стрелецот на вториот гол за Украина на средбата со Холандија.

Во осминафиналето на ЕП 2020 ќе се пласираат првите две селекции од шесте групи и четирите најдобри меѓу третопласираните репрезентации.
Денешниот меч ќе биде петти помеѓу Македонија и Украина. Во квалификациите за ЕП 2016, Македонија претрпи два пораза од Украина (0-1 и 0-2), а двете пријателски средби, во 2003 и во 2004-та, завршија со реми (0-0) и со победа на Македонија (1-0).

ДЕНЕСКА НА ЕП 2020
Македонија – Украина 15 ч.
Данска – Белгија 18 ч.
Холандија – Австрија 21 ч.