ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (211)

НИКОЛА ИЛИЕВСКИ-ЏИЏИ (2)

Како селектор на македонската репрезентација успеа да ремизира со Гордиот Албион играјќи 2-2 во Саутемптон, во 2002 година. Џиџи беше селектор и на репрезентацијата на Бангладеш, а работеше како тренер и во повеќе клубови во нашата држава, како и во словенечкиот Публикум од Целје

За разлика од играчката, тренерската кариера на Никола Илиевски-Џиџи резултатски беше многу побогата. Како активен фудбалер, поради многуте повреди и седумте операции, иако беше голем талент не успеа да се доискаже. Затоа, пак, како тренер постигна врвни резултати, а меѓу другото седеше на две селекторски столчиња. Тој прво ја предводеше младата, потоа и сениорската репрезентација на Македонија, а еден период нѐ изненади сите кога слушнавме оти е назначен за селектор на репрезентацијата на далечниот Бангладеш.
– Никогаш не знаете каде ќе ве одведе животот. Ниту на сон не сонував дека еден ден ќе бидам селектор на Бангладеш, но, ете, и тоа се случи – вели популарниот Џиџи.
Но за периодот поминат во Бангладеш ќе стане збор подоцна, а сега да видиме како се одвиваше тренерската кариера на Џиџи во нашата средина, зашто таа беше навистина многу интересна и полна со неочекувани пресврти.

ТРЕНЕР ВО ПРВАТА МАКЕДОНСКА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА

Своите квалитети, а и желба да успее како тренер, Никола Илиевски ги покажуваше уште во почетокот, кога му асистираше на легендарниот Мирко Илиевски во Маџари.
– Како играч постигнав едно ниво, но морам да кажам дека можев да одам многу подалеку. Зошто тоа не се случи, „виновни“ се повредите, кои ме следеа постојано во текот на играчката кариера. Кога мислев оти сум закрепнал од една, ќе дојдеше нова повреда и така беше сѐ до моментот кога решив конечно да престанам со активното играње – вели Илиевски.
Потоа, не можејќи без фудбалот, Џиџи продолжува да работи како тренер. За Маџари веќе рековме, таму му беа тренерските почетоци. Потоа, работеше во Работнички, Куманово, Металург, а по препорака на Дончевски еден период помина во Саса и во Рудар (Пробиштип). Сево ова се случуваше во годините пред и за време распадот на Југославија.
– Со оглед на тоа што мојата перспектива ја гледав во тренерската работа, за да може да напредувам и нормално да навлезам што подлабоко во фудбалската игра, повторно и на инсистирање на Дончевски, во 1993 година се запишав на Вишата тренерска школа во Белград. Во исто време со мене беа и Ѓоре Јовановски и Жарко Оџаков. Сите ја завршивме Вишата школа и веќе со дипломите ни беше отворен патот да продолжиме со тренерскиот живот – вели тој.
Во тоа време, кога се распадна поранешната држава, сите единки што ја сочинуваа си создадоа свои држави, а со тоа и свои национални фудбалски првенства и репрезентации.
– По осамостојувањето, беше формирана и нашата национална селекција, во која бев назначен за тренер во штабот на селекторот Андон Дончевски. Тоа за мене беше голема чест и иницијална капсла уште повеќе да се усовршувам и напредувам во тренерската работа – вели Илиевски.

СЕКОЈ КЛУБ НОВ ПРЕДИЗВИК

Иако имаше ангажман во репрезентацијата, Џиџи како и сите други членови на стручниот штаб можеа да работат и во клубовите.
– Јас на инсистирање на мојот добар пријател, за жал, сега покоен Благоја Истатов, седнав на клупата на Беласица. Со Истатов, кој беше менаџер на клубот, успеавме да го задржиме тимот во Првата македонска лига, а истовремено и да создадеме неколку квалитетни играчи, од кои најдалеку отиде Ѓузелов, кој стана репрезентативец, а потоа направи една убава меѓународна кариера – вели тој.
По Беласица се редеа и други клубови, а што е интересно секој од нив беше нов предизвик за Џиџи. Неговата работа даваше и резултат, ама малерот беше што клубовите не беа моќни и немаа капацитет да се издигнат на повисоко ниво.
Но Џиџи беше настојчив и никогаш не потклекнуваше. Во 1998 година Илиевски ја почнува меѓународната кариера и станува тренер на словенечки Публикум од Целје, каде што помина две сезони.
– Од седмото место во првата, во втората сезона успеав клубот да го доведам со петтата позиција во Првата лига на Словенија. Но, иако можев, таму не останав подолго, туку се вратив во Македонија. Во Целје заминав од Цементарница, а кога се вратив станав тренер на Победа, со која излеговме на европска сцена. Симпатизерите на прилепскиот тим убаво се сеќаваат на мечевите со Крајова и со Перуџа. Романците ги елиминиравме, но Италијанците предводени од Малезани, не можевме да ги поминеме. Сепак, беа поквалитетни од нас. Но остануваат убавите спомени врзани за тие настапи на европската сцена. Со Победа во 2004 година ја освоивме и шампионската титула во Македонија, што им донесе голема радост на прилепчани – вели тој.

СЕЛЕКТОР СО ПОБЕДНИЧКИ ДУХ

Никола Илиевски-Џиџи во кариерата беше селектор на две сениорски репрезентации, на Македонија и на Бангладеш. Со македонската репрезентација се памети оној меч со Англија во Саутемптон, кога игравме нерешено – 2-2.
– Жал ми е што не победивме. Имавме голема шанса за тоа, зашто навистина игравме добро, а имавме и две водства, 1-0 и 2-1. Сепак, според мене, овој меч останува во македонската фудбалска историја, како нешто убаво, нешто што ги разгали срцата на сите љубители, не само на фудбалот туку и спортот воопшто – продолжи Џиџи.
Како што тоа често се случува кај нас, Илиевски не остана долго на селекторската фотелја. Неговата работа на некои не им одговараше, зашто тој не дозволуваше секој да се меша во стручната работа.
– Поради ова станав „персона нон грата“ во ФФМ и по мечот со Турција, кој го загубивме со 3-2, веќе не бев селектор – вели тој.
Но дека Џиџи беше селектор со победнички дух, покажа неговото селекторување во Бангладеш, кога беше на кормилото на оваа репрезентација во квалификациите за Светското првенство во 2014 година во Бразил.
– Игравме со најлутиот противник на Бангладеш, репрезентацијата на Пакистан. Атмосферата беше вжештена, секој ја посакуваше победата, тоа беше меч за престиж и за плаќање на старите долгови. Дома победивме со 3-0. Пред реваншот во Пакистан бев запрашан дали ќе го водам тимот. Имено, челниците на федерацијата не сакаа да ме изложуваат на опасност, во која дури и животот можеше да ми биде загрозен, зашто двете земји беа многу закрвени. Јас реков дека ќе го водам тимот и ќе патувам за Пакистан. Но сѐ добро се заврши, играме 0-0, немаше инциденти. Следуваа санкции од ФИФА и репрезентацијата не можеше да игра меѓународни натпревари. Во една таква ситуација не ми остануваше ништо друго, освен и јас да си заминам – вели тој.
Никола Илиевски-Џиџи последен ангажман имаше во Вардар. Практично тој се жртвуваше да му помогне на најпопуларниот клуб во најтешките моменти, кога дојде до целосен распад на системот. Но и покрај напорите што ги вложи, не успеа да го спаси Вардар од испаѓање од Првата лига.


НИКОЛА ИЛИЕВСКИ

Роден: во 1954 година во Скопје
Кариера: Вардар, Работнички, Победа, Охрид, Тетекс, Приштина, Касториа, Раднички (Пирот), Металург
Тренер: Маџари, Работнички, Куманово, Металург, Саса, Беласица, Љуботен, Рудар, Скопје, Цементарница, Победа, Ренова, Кадино, млада и сениорска репрезентација на Македонија. Во странство Публикум (Целје) во 1999/2000 и во 2005/2006), потоа Влчеа, Билис Балш, Персијеп Џепара и репрезентацијата на Бангладеш.