Левандовски во 2021 година ја освои „златната копачка“ за најдобар стрелец во Европа со 41 гол. Во календарската 2021 година тој постигна повеќе голови од кој било фудбалер во некоја европска прва лига…

ФУДБАЛ – РОБЕРТ ЛЕВАНДОВСКИ

По пауза од една година, доделувањето на наградата „златна топка“ на францускиот магазин „Франс фудбал“се враќа во 2021 година, а напаѓачот на Баерн, Роберт Левандовски, е меѓу 30-те кандидати за наградата што треба да се додели на 29 ноември.
– Тој беше неверојатно конзистентен во претходните три години како никој друг – вели тренерот на Баерн, Јулијан Нагелсман, за главниот играч во нападот.
Тоа е фер процена со оглед на тоа дека Полјакот има постигнато повеќе голови во клупска конкуренција во сите натпреварувања од кој било фудбалер во една од петте најдобри лиги во Европа во секоја од претходните три календарски години, се наведува на официјалната интернет-страница на Бундес-лигата.
Тешко да се занемари фактот дека Левандовски лани требаше да ја добие наградата, која не беше доделена поради пандемијата на ковид-19. Тој имаше голем удел во освојувањето на петте трофеи на Баерн, во Бундес-лигата, во Купот на Германија, во Лигата на шампионите (ЛШ), во германскиот Суперкуп и во Суперкупот на Европската фудбалска унија (УЕФА).
Тој е првиот што ја освоил тројната круна во Европа, а во исто време бил и најдобар стрелец во секое натпреварување, со 34 гола од 31 натпревар во Бундес-лигата, шест на петте куп-меча и 15 во 10-те натпревари во Лигата на шампионите.

Сепак, „златната топка“ за 2021 година треба да биде за она што го направиле во текот на минатата година. Левандовски ја освои „златната копачка“ како најдобар стрелец во Европа во сезоната 2020/2021, постигнувајќи 41 гол, на само 29 натпревари во Бундес-лигата, соборувајќи го 49-годишниот рекорд на Герд Милер.
Во календарската 2021 година тој постигна повеќе голови од кој било фудбалер во некоја европска прва лига. Тој е во серија од 19 меча на кои постигнува еден гол и повеќе што, пак, е клупски рекорд.
Неодамна Баерн ја совлада Бенфика со 4-0 во ЛШ, а Левандовски стана првиот фудбалер во историјата што победил на 19 натпревари по ред. Тој постигна 25 гола, а на само три од тие 19 меча, не беше стрелец.
– Сон е да се биде во комбинација за освојување на тоа признание, бидејќи знам колку е тешко – вели Левандовски, најдобриот фудбалер на својот клуб, кој е рекордер во репрезентацијата на Полска според постигнати голови, од кои девет на 11-те настапи годинава.