Роналдо го постигна победоносниот гол на мечот со Аталанта (3-2), која по првото полувреме водеше со 2-0. За Роналдо тоа беше рекорден 137. гол во ЛШ, на 300-от меч за Јунајтед, 140. гол во кариерата со глава…

Кристијано Роналдо го постигна победоносниот, трет гол во 81. минута за голем пресврт на Манчестер јунајтед, кој негативата од 0-2 по првото полувреме ја претвори во триумф дома, над Аталанта со 3-2, во третото коло од групата Ф во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ). Манчестер јунајтед ја прокнижи третата победа во ЛШ, по негатива од два и повеќе гола, со што се израмни со Арсенал. Јунајтед е во серија од 17 средби без реми во ЛШ (последниот меч без победник го одигра со Валенсија, 0-0, во октомври 2018 година), прима еден гол и повеќе на 12 натпревари во низа на домашен терен во сите натпреварувања, најдолга таква серија на „Олд трафорд“ по февруари 1964 година (13 гола)…
За Роналдо тоа беше 137-от гол во ЛШ, најмногу од сите, на 300-от меч во дресот на Јунајтед и 140-от гол во кариерата со глава.
– Да, театарот на соништата гори. Ние сме живи. Ние сме Манчестер јунајтед и никогаш не се предаваме. Ова е „Олд трафорд“ – напиша Роналдо на Твитер.
Заслуги за победата имаат и Маркус Рашфорд, стрелецот на првиот гол, 300-от во сите натпреварувања под водство на менаџерот Оле Гунар Солскјер (Рашфорд го постигна и првиот гол, во декември 2018-та), и Бруно Фернандес, кој создаде осум шанси, рекордни за играч на Манчестер јунајтед во ЛШ, по сезоната 2003/2004. Солскјер, чии избраници петти пат на седумте домашни меча во ЛШ беа во негатива, имаше многу пофални зборови за играта на Роналдо.

– Презадоволен сум од тоа како го предводеше нападот. Како центарфор имаше задача да ги користи празните простори во противничката одбрана, да притиска повеќе затоа што игравме дома, ја имавме поддршката од публиката. Тој направи сѐ што треба да направи еден центарфор. На паузата им реков дека доколку ние го постигнеме следниот гол, тогаш го добиваме натпреварот. Бев сигурен дека ако не примиме гол, ќе го добиеме мечот. Стануваше збор само за искористување на шансите – изјави Солскјер.
Италијански Јувентус забележа победа на гости кај Зенит, со 1-0, со голот на Дејан Кулушевски, во 86. минута. Јувентус постави и нов рекорд според бројот на последователни победи на гости во групната фаза во ЛШ, седум, една повеќе од Челси и од Манчестер јунајтед. За Јувентус ова беше 150-та победа во ЛШ и во поранешниот Куп на европските шампиони.
ЛШ, трето коло: Група Е: Барселона – Динамо К. 1-0, Бенфика – Баерн 0-4. Табела: Баерн 9, Бенфика 4, Барселона 3, Динамо 1. Група Ф: Манчестер Ј. – Аталанта 3-2, Јанг бојс – Вилјареал 1-4. Табела: Манчестер Ј. 6, Вилјареал и Аталанта по 4, Јанг бојс 3. Група Г: Салцбург – Волфсбург 3-1, Лил – Севилја 0-0. Табела: Салцбург7, Севилја 3, Лил и Волфсбург по 2. Група Х: Челси – Малме 4-0, Зенит – Јувентус 0-1. Табела: Јувентус 9, Челси 6, Зенит 3, Малме 0.