Тој е многу фокусиран и кога ќе добие шанса, тоа е гол. Тоа е одлика на многу добар стрелец, останува смирен кога ќе пристигне шансата. Тој е толку добар пред голот и има влијание врз сите, вели тренерот на Јунајтед, Оле Гунар Солскјер, откако Роналдо постигна гол во 95. минута за победа на мечот со Вилјареал, на рекордниот 178. настап во Лигата на шампионите

Во реприза на финалето во Лига Европа од претходната фудбалска сезона, Манчестер јунајтед му се реваншира на Вилјареал, совладувајќи го со 2-1 во второто коло на Лигата на шампионите (ЛШ), со голот на Кристијано Роналдо во 95. минута. За Вилјареал ова беше прв пораз по 18 меча во сите европски натпреварувања, откако претходно забележа 12 победи и пет ремија.
За Роналдо (36) тоа беше рекорден 178. настап, во 19-та сезона во ЛШ, еден повеќе од Икер Касилјас. На таа листа следуваат Лионел Меси и Чави Ернандез со по 151, Раул Гонзалес со 142 итн. Роналдо, кој освои пет трофеи во ЛШ (четири со Реал Мадрид и еден со Манчестер јунајтед), постигна три гола за победа во ЛШ во 90-та минута (колку и Серхио Агуеро) и е водечки стрелец во ова натпреварување со 136 погодока (втор е Меси со 121). Роналдо не постигна гол до 27-от настап во ЛШ, по што на следните 151 меч ги постигна 136-те гола. Тој е вториот најстар играч на Манчестер јунајтед (36 години и 236 дена) што постигнал гол во европските натпреварувања на „Олд Трафорд“, по Брајан Робсон (36 и 282 дена) во 1993 година. Роналдо е сопственик на уште неколку рекорди во ЛШ, има најмногу голови во една сезона, 17 во 2013/2014, најмногу во нокаут-фазата, 67, најмногу од пенал, 19, најмногу триумфи откако се игра ЛШ, единствениот е што постигнал гол во три финалиња, што бил стрелец на шесте меча во групата, што постигнувал погодоци на 11 средби по ред…
– Кристијано многупати постигнувал вакви голови. Против Република Ирска пред неколку недели промаши пенал рано, потоа немаше многу допири со топката, но во последните две минути постигна два гола со глава. Ментално тој е многу силен до крајот на мечот, многу е фокусиран и кога ќе добие шанса, тоа е гол. Тоа е одлика на многу добар стрелец, останува смирен кога ќе пристигне шансата. Тој е толку добар пред голот и има влијание врз сите – вели тренерот на Јунајтед, Оле Гунар Солскјер.