Ако играчот не е ментално подготвен да игра, не верувам дека би можеле некого да го присилиме на тоа, вели Норвежанецот Солскјер, менаџер на англискиот премиерлигаш Манчестер јунајтед

Менаџерот на Манчестер јунајтед, Оле Гунар Солскјер, изјави дека не би натерал ниту еден фудбалер од својот клуб да игра доколку не се чувствуваа „ментално подготвен“ поради загриженоста за коронавирусот. Тој се надева дека Премиер-лигата ќе продолжи кон средината на јуни, но е свесен дека некои можеби имаат резерва по ова прашање.

– Ако играчот не е ментално подготвен да игра, не верувам дека би можеле некого да го присилиме на тоа. Тие не искажаа премногу загриженост, но секако дека им веруваме на експертите и на здравствените работници – изјави Солскјер за „Скај спорт њуз“, пренесе „Гардијан“.
Се предлага продолжување на сезоната во Англија со натпревари што треба да се играат на неутрални стадиони.

– Фудбалот отсекогаш бил во врска со гледачите, опкружувањето во кое играме и атмосферата. Но ова се чудни времиња. Што и да одлучат, ќе претставува поттик повторно да се врати фудбалот. Само се надевам дека наскоро ќе добиеме сигурно решение – вели Солскјер.
Сега ќе бидат потребни приспособувања.

– Навикнати сме на дружењето, се ракувате… Сега сето тоа го нема, па затоа е мојата главна грижа, како ќе биде да се вратиме и како повторно ќе го градиме тоа опкружување – вели тој.
Јунајтед моментно е на петтото место во Премиер-лигата, три бода зад Челси, стигна до четврт-финалето на ФА-купот и е подготвен за пласман меѓу осумте најдобри и во Лига Европа, по предноста од 5-0 по првиот меч со Ласк во осминафиналето.