Фото: Оле Гунар Солскер/Твитер-Манчестер јунајтед

Манчестер јунајтед соопшти дека постигнал договор за разделба со менаџерот Оле Гунар Солскер по разочарувачките резултати сезонава и вчерашниот пораз од Вотфорд со 1-4 во англиската фудбалска Премиер-лига. Клубот од „Олд Трафорд“ освои 17 поени во првите 12 натпревари од тековното првенство.

Норвешкиот стратег не успеа да освои ниту еден трофеј по преземањето на Манчестер јунајтед на 19 декември 2018 година, додека во тој период потроши 387 милиони фунти на засилувања, повеќе отколку кој било друг клуб во Премиер-лигата.

– Оле секогаш ќе биде легенда на Јунајтед и со жалење стигнавме до оваа тешка одлука. Последните недели беа многу разочарувачки, но тие не треба да ја затскријат работата која тој ја заврши во последните три години за поставување на темели за долгорочен успех. Оле си заминува со наша најискрена благодарност за неговата неуморна работа како менаџер и му посакуваме најдобро во иднината. Неговото место во историјата на клубот секогаш ќе биде сигурно, не само за неговата приказна како фудбалер, туку како голем човек и менаџер кој ни даде големи моменти. Секогаш ќе биде добредојден на „Олд Трафорд“ како дел од семејството на Манчестер јунајтед – се вели во објавата на Манчестер јунајтед.

Досегашниот помошник на Солскер, Мајкл Керик, ќе го преземе тимот за следните натпревари, додека клубот бира преоден менаџер до крајот на сезонава.

Британските медиуми шпекулираат дека Солскјер ќе добие отштета од 7,5 милиони фунти. Како кандидати за менаџерската функција во Манчестер јунајтед се спомнуваат легендарниот фудбалер и тренер на Реал Мадрид, Зинедин Зидан, Брендан Роџерс од Лестер, како и Маурисио Покетино од Пари Сен Жермен.