Новиот тренер на Реал Мадрид, Сантијаго Солари сака што поскоро неговиот тим да го заборави поразот од Еибар со 0:3 во саботата, што би можело да се случи уште утре вечер со добра игра и резултат против Рома во Лигата на шампионите.

– Многу пати во историјата Реал излегувал од огнот и секогаш се враќал посилен. Вистината секогаш е во утрешниот ден – во она што претстои и на што можеме да влијаеме – вели Солари.

Рома и Реал изгледаат сигурни за осминафиналето, а дуелот на „Олимпико“ може да го утврди крајниот победник во групата.

– Треба да ја покажеме играта што секогаш ја покажуваме во ЛШ. Можеби ова се чини лесна задача, но всушност не е така – вели тренерот.

Тој уверува дека се потпира на Иско, иако ниту еднаш во досегашните пет средби како тренер не го вклучи во стартниот состав.

Солари не ја одмина и темата за наводната позитивна допинг контрола на Серхио Рамос.

– Серхио е чесен човек и симбол на Реал. Секој од нас треба да го заштити, вклучувајќи ги и новинарите – изјави Солари.