Синоќешниот триумф на Челси со убедливи 4-1 во финалето на Лига Европа (ЛЕ) во Баку, Азербејџан против градскиот ривал Арсенал, го засени изјавата на најдобриот играч „сините“ од „Стенфорд Бриџ“ во последните осум години, Еден Азар, кој уште синоќа по натпреварот го најави заминувањето од клубот.

Челси се соочува со забрана за купување и продавање на играчи во следните две години, одлука која ја обжали но беше одбиена, поради прекршување на регулативите за меѓународни трансфери и регистрација на играчи по 18 години, а сè поизвесното заминување на неверојатниот Белгиец Азар, ја најавува новата фудбалска ера во екипата на рускиот милијардер Абрамович.

Според еминентниот фудбалски портал „Гол“, двојниот стрелец во финалето Еден Азар во првата изјава по победата, потврди дека заминува од Челси.

– Мислам дека е крај, но никогаш не се знае во фудбалот – рече Азар по натпреварот.

Челси по вторпат го подига најтешкиот трофеј од сите за натрепварите на УЕФА, клупски и репрезентативни, кој тежи 15 килограми, а за стратегот на третопласираниот тим од Премиер-лигата Маурицио Сари, стана најстариот тренер-менаџер победник на овој трофеј (прв за него во кариерата), на 60 години и 139 дена. Во следниот период, се очекува да биде појасно каква ќе биде иднината и на Сари, за кого исто така се појавија различни шпекулации дека ќе замине од кормилото на клубот. Важно е да се напомене дека во првата сезона, Италијанецот успеа без пораз да го доведе Челси до титулата во ЛЕ, нешто што не се случило во 21-от век.

Во однос на натпреварот, по мирното прво полувреме (0-0), тројката во нападот на Челси, Жиру, Азар и Педро излезе помотивирана од својот противник со убедлива и сигурна игра ги надиграа „топџиите“.

Резултатот го отвори поранешниот играч на Арсенал, Оливие Жиру, во 49-тата минута, со одличен удар со глава во шеснаесетникот на голманот на „топџиите“ Петр Чех, кој пак има 333 настапи и за „сините“ од Лондон.

Челси успеа да го искористи добриот моментум и индиспонираноста на играчите на Унаи Емери, па 11 минути подоцна во одлична акција, крилниот напаѓач Педро Родригез постигна гол по асистенција на најдобриот играч на Челси сезонава Еден Азар, со што стана првиот фудбалер кој успеал да постигне гол и во финале на ЛЕ и во финале на Лигата на шампионите (ЛШ). Шпанецот Педро со победата на неговиот Челси додаде уште еден трофеј во својата богата фудбалска кариера и сега стана единствениот играч кој успеал да ги освои трофеите од ЛШ, ЛЕ, Премиер-лигата, шпанската Ла-лига, Светското првенство, Европско првенство, а воедно има титули и во Шпанскиот супер-куп, Супер-купот на УЕФА, Шпанскиот куп, Светското клупско првенство и англискиот ФА-куп.

Катастрофата на „топџиите“ продолжи и во вториот дел од второто полувреме, кога единствениот Англичанец во англиското финале Енсли Матиланд-Најлс направи фаул во сопствениот шеснаесетник, а прецизен од белата точка беше Азар, за кој дефинитивно ова беше последниот натпревар во синиот дрес, по одличните осум години минати на „Стенфорд бриџ“.

Единствениот гол и кратката надеж за Арсенал дојде по голот со волеј на нововлезениот Алекс Ивоби во 69-тата минута, но таа траеше кратко, откако Белгиецот Азар конечно стави точка на натпреварот со вториот негов гол во финалето во 72-рата минута.

На клупата кај поразениот финалист беше и Македонецот Дени Илиев, кој оваа сезона немаше настап во натпреварувањето, но одигра 17 натпревари во Премиер-лига 2, за тимот на Арсенал до 23 години.

За потсетување, во сабота (1 јуни) ќе се одигра и финалето на ЛШ, во кое исто така ќе настапат две англиски екипи, Ливерпул и Тотенхем, чиј победник ќе се сретне со Челси во Супер-купот на Европа во август во Истанбул. П.С.