На листата се и, на пример, Донарума, Боатенг, Алаба, Фернандињо, Вајналдум, Депај, Дракслер, Ди Марија…

ФУДБАЛ

Следниот летен фудбалски преоден рок, веројатно, ќе биде сличен на минатомесечниот зимски кога клубовите во Европа не потрошија многу пари, пишува „Би-би-си“, истакнувајќи дека повеќето клубови се во финансиски проблеми предизвикани од пандемијата на ковид-19 и не сакаат да вложат големи трансфер-суми за играчите. Тоа, пак, значи дека е погодно време за слободните фудбалери на кои им истекуваат договорите. Во написот на „Би-би-си“ се наведуваат повеќе фудбалери што се слободни играчи летово, во продолжение за некои од нив.
Џанлуиџи Донарума (21), Милан. Сезонава Милан игра одлично, лидер е во Серија А, но разговорите со неоспорниот број еден во Италија, Донарума, кој бранеше на повеќе од 200 натпревари од дебито на 16-годишна возраст, во моментов се „замрзнати“, пишува „Би-би-си“.
Жером Боатенг (32) е стандарден во тимот на Баерн сезонава, подготвен е за продолжување на договорот, но разговорите допрва треба да почнат. Серхио Рамос (35) од Реал Мадрид е еден од најдобрите дефанзивци во историјата на фудбалот. Капитенот на „кралевите“ одигра речиси 700 меча за шпанскиот гигант и постигна неверојатни 100 гола. Реал му понуди едногодишно продолжување на договорот. Давид Алаба (28) е вториот клучен дефанзивец што може да си замине од Баерн летово, откако не успеа да се договори за нов договор, барем засега.

Бразилецот Фернандињо (35) одигра повеќе од 300 натпревари за Манчестер сити и освои по три титули во Премиер-лигата и во ФА-купот. Џорџинио Вајналдум (30) уште го нема продолжено договорот со Ливерпул и се чини дека холандскиот репрезентативец може да биде првиот играч на „црвените“, освојувач на Лигата на шампионите и на Премиер-лигата, што ќе замине и ќе го исполни детскиот сон да игра за Барселона, пишува „Би-би-си“. Мемфис Депај (26) игра одлично во Франција, во Лион, но допрва треба да потпише нов договор. Јулијан Дракслер (27) не е стандарден сезонава. Германскиот репрезентативец вели дека има намера да го одработи договорот со ПСЖ и оти името на следниот тим ќе го објави во март, пишува „Би-би-си“.
Анхел ди Марија (32) освои четири титули во Лига и лани стигна до финалето во ЛШ со ПСЖ. Серхио Агуеро (32), најдобриот стрелец на Манчестер сити на сите времиња, пропушти голем дел од сезоната… Лионел Меси (33), еден од најдобрите, ако не и најдобар играч на сите времиња, ќе биде достапен без пари? Меси може да преговара со нешпански клубови во моментов, а минатото лето побара раскин на договорот што Барселона го одби итн.