Утревечер на „Вембли“ во Лондон, во мечот за европската титула, ќе играат Англија и Италија. За Англичаните ова ќе биде прво европско финале и прво на голем турнир по 55 години и СП 1966, кога станаа светски прваци. Италијанците ќе го играат 10-то финале (на ЕП и на СП), четврто европско, на кое славеа во 1968 година

Дали „фудбалот ќе се врати дома“, во Англија, или ќе замине за Рим, во Италија, ќе покаже утрешното финале помеѓу овие две репрезентации на Европското првенство (ЕП) 2020, на стадионот „Вембли“, во Лондон, на кој се очекуваат околу 60.000 гледачи.
– Мислам дека ова ќе биде епско финале, за фудбалска историја на двете земји. Англија првпат е во финалето, и тоа многу кажува. Прими само еден гол досега, што значи дека се многу добар тим, со одлични играчи, многу избалансиран. Физички се доста силни, но имаат и играчи што технички се многу добри. Ќе се соочиме со силен тим, тие ќе играат дома, но за нас сон е да победиме на првенството – изјави Марко Верати, еден од клучните играчи на Италија во средниот ред.
Герет Саутгејт (50), кој во 2015 година беше назначен за селектор, се покажа како совршен лидер на тимот, тактички е одлично поткован и е подготвен да се приспособи на она што е потребно за да се победи. Неговиот тим се одликува со цврста одбрана, со брилијантен тимски дух и со одличен напад.
– Имам видено многу репрезентации како се елиминирани од големите турнири, бидејќи духот на заедништво не им беше каков што го имаат овие момци. Мора да уживаме во фактот дека сме во финалето. Ќе биде тешко, Италија има одличен тим и добро знаеме што нѐ очекува – изјави Саутгејт.

Англичаните на „Вембли“, на 17-те натпревари, во сите конкуренции од СП во Русија во 2018, година досега забележаа 15 победи, едно реми и еден пораз. За Англија ова ќе биде прво европско финале и прво на голем турнир по 55 години и Светското првенство (СП) во 1966 година, кога стана светски првак. Италија, четирикратниот светски првак (1934, 1938, 1982 и 2006 година), ќе го игра 10-то финале (на ЕП и на СП заедно), четврто европско, по 1968-та, кога единствен пат триумфира, и во 2000 и во 2012 година, кога беше поразена од Франција, односно од Шпанија. Неделното финале ќе биде 28-от меѓусебен натпревар на двете селекции. На претходните 27 поуспешни биле „аѕурите“, кои имаат 11 победи и по осум ремија и порази.
– За мене нема фаворит во финалето Англија – Италија, ниту, пак, ќе навивам за некоја репрезентација. Мислам дека и двете селекции заслужија да играат во финалето, според сѐ што покажаа на првенството. Кој и да победи, нема да биде незаслужено. Очекувам израмнет натпревар, голема борба, тактичко надмудрување, без многу голови и триумф на Италија. Тие знаат да одиграат на резултат, имаат многу фудбалски квалитети, искусни се, ментално многу силни, даваат максимум кога играат за репрезентацијата. И одлично се водени од клупата, од Роберто Манчини. Англија, од друга страна, игра дома, што секако е предност, па нека е и мала, има доста избалансиран и дисциплиниран состав, во кој ниту еден играч не отскокнува, сите му се подредени на колективот – вели Ѓоко Хаџиевски, поранешен селектор на Македонија и тренер на повеќе македонски и странски екипи.

Двете репрезентации имаа импресивна кампања на ова ЕП. Англија во групната фаза ги совлада Хрватска и Чешка, со по 1-0, а со Шкотска ремизира, 0-0. Во нокаут-рундата беа елиминирани Германија со 2-0, Украина со 4-0 и Данска со 2-1. Италија доби шесте меча, прво во групата против Турција со 3-0, Швајцарија со 3-0 и со Велс со 1-0, а потоа и нокаут-мечевите со Австрија, 2-1, Белгија, 2-1, и Шпанија, на пенали 4-2 (по 1-1 по 120 минути игра). Италија не успеа да се квалификува на СП 2018 во Русија, но откако на селекторската функција дојде Роберто Манчини, таа е без пораз на 33 натпревари во низа (27 победи и шест ремија, со гол-разлика 86-10) и не стравува од никого.
Мечот утре ќе биде прв меѓу овие селекции по ремито, 1-1, на пријателскиот дуел на „Вембли“ во март 2018 година. Последен пат на голем турнир играа на СП 2014, кога победи Италија, со 2-1. Италија ја елиминира Англија во четврт-финалето на ЕП 2012, на пенали. Англија последната победа над Италија ја прокнижи на пријателскиот меч во август 2012 година, 2-1.
На финалето ќе суди Бјорн Кујперс (48) од Холандија. Тој судеше на два натпревара во групната фаза, Данска – Белгија и Словачка – Шпанија, и во четврт-финалето Чешка – Данска.