Извршното тело задолжено за правилата на фудбалската игра (ИФАБ) при Светската фудбалска федерација (ФИФА) неделава треба да ги разјасни дилемите околу играњето со рака и попрецизно да го формулира, за да се намалат „сивите области“, изјави за весникот „Тајмс“, техничкиот директор Дејвид Елереј.

Новата формулација треба да биде усвоена на состанокот на ИФАБ во Абердин, Шкотска, в сабота. ИФАБ дискутираше за ова лани во ноември и „постигна договор за потребата од попрецизно и подетално формулирање за различните видови прекршоци при играњето со рака“.

– Новиот текст ќе ги разјасни ситуациите кога играчите можат да очекуваат казна, а кога не, за играњето со рака. Веруваме дека тоа значително ќе ги намали „сивите области“ при играњето со рака и ќе ги идентификуваме оние ситуации каде што ненамерните контакти со рака ќе бидат казнети, а кога не. Никогаш немало дилеми околу намерното играње со рака и не се дискутирало за тоа, што значи дека и понатаму намерното играње со рака ќе се казнува во секоја ситуација – вели Елереј.

Коментарите на Елереј дојдоа по победата на Манчестер сити над Шалке (3-2) во Лигата на шампионите (ЛШ) во Гелзенкирхен минатата среда, конкретно за ситуацијата кога главниот судија со помош на видеоасистент-судијата (ВАР) досуди пенал за Шалке кога упатената топка кон голот на Сити го погоди Николас Отаменди в рака, во ситуација кога тој се обидуваше да ја скрие зад грб, но не успеа.