Од денеска па до вторник низ Европа ќе се играат мечевите од третото и од четвртото квалификациско коло за пласман на фудбалското Европско првенство (ЕП) во 2020 година што ќе се одржи во 12 града, во 12 земји, од 12 јуни до 12 јули. Првпат по ЕП 1976 во СФР Југославија (со четири репрезентации) нема земја-домаќин што автоматски ќе настапи во завршницата. Вечерва на програмата се 12 натпревари, меѓу нив и Македонија – Полска, утревечер 13, в понеделник нови 12 (Македонија – Австрија), и во вторник уште 13, или вкупно 50. На претходните 50 натпревари во првите две кола беа постигнати 154 гола (3,08 во просек по меч). Ако се оценува според двојките, ќе нема некој класика натпревар, или некој решавачки со оглед на тоа дека квалификациите сѐ уште се во рана фаза. Пласман во завршницата на ЕП преку квалификациите ќе обезбедат 20 репрезентации (по две првопласирани од 10-те групи), а преостанатите четири места ќе бидат пополнети по плејоф-мечевите во Лигата на нациите (ЛН), во март в година.