ПРЕМИЕР-ЛИГА

Манчестер сити забележа победа од 5-0, а откако Пеп Гвардиола е менаџер на „сините“, 49 натпревари во Премиер-лигата завршиле со победа од пет и повеќе голови разлика. Тимот предводен од Шпанецот е инволвиран во 23 такви меча. Првпат по 11 март 2020 година и 528 дена, мечот Ливерпул – Барнли (2-0) се играше на полниот стадион „Енфилд“

Бранителот на титулата во Премиер-лигата, Манчестер сити, го декласира Норич победувајќи го со 5-0. Првиот гол во дресот за „сините“ го даде Џек Грилиш, летното засилување вредно 100 милиони евра, но голем удел во победата имаше Бразилецот Габриел Жезус, кој имаше две асистенции.

– Тој има големо значење за мене. Не само кога ќе одигра одличен натпревар како овој туку секојдневно. Кога игра на овој начин, заслужува повторно да биде во тимот. Тој е играч што сака да игра подалеку од централните позиции на теренот. А една од причините зошто сум менаџер во најдобрите моменти од мојата кариера, освен титулите и трофеите, е затоа што можам да работам со луѓе како Габриел – изјави по мечот менаџерот на Сити, Пеп Гвардиола.

Само два тима, Лестер во сезоната 2001/2002, минус девет, и Виган во 2010/2011 година, минус 10, имаа гол-разлика полоша од оваа на Норвич, минус осум, по првите две кола.

Откако Пеп Гвардиола е во Сити, од сезоната 2016/2017, па досега, 49 натпревари во Премиер-лигата завршиле со победа од пет и повеќе голови разлика. Тимот предводен од Шпанецот е инволвиран во 23 такви меча или 47 отсто.

Имаше многу емоции пред натпреварот Ливерпул – Барнли (2-0), кој првпат по 11 март 2020 година и 528 дена и натпреварот во Лигата на шампионите (ЛШ) со Атлетико, се играше пред полниот стадион „Енфилд“ (над 54.000 места). Навивачите пред мечот гласно ја пееја клупската химна „Никогаш нема да одиш сам“, проследена со оддавање почит на навивачот Ендрју Дивајн (55), кој почина во јули и стана 97-та жртва на катастрофата на стадионот „Хилсборо“ во 1989 година.

За Ливерпул ова беше седма победа во низа во Премиер-лигата и четврти меч без примен гол. Од случувањата на теренот за издвојување се одличната игра на младиот, 18-годишен Харви Елиот, на деби-настапот за Ливерпул во Премиер-лигата и 50-от гол на Садио Мане. Елиот е 10-от најмлад стартер дебитант во историјата на „црвените“ во најквалитетната англиска лига. Центархалфот Вирџил ван Дајк го одигра 48-от меч за Ливерпул на „Енфилд“ без пораз (43 победи и пет ремија). Само еден фудбалер е поуспешен од него во оваа категорија, Ли Шарп од Манчестер јунајтед, 59 меча.

– Харви имаше голем удел во натпреварот. Сите сакаат да ми зборуваат за Харви и јас разбирам апсолутно кога 18-годишно момче игра толку зрело, но не бев изненаден од неговата игра. Тој вака тренираше минатите шест или седум недели откако ги почнавме подготовките и откако се врати од Блекбурн, каде што лани играше како позајмен играч – истакна менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп.