ФУДБАЛ – ПО ГРУПНАТА ФАЗА НА ЕП 2020

На минатото ЕП од четвртиот барабан осминафиналисти беа четири репрезентации, од кои најдалеку стигна Велс, до полуфиналето. На актуелниот шампионат се игра доста ефикасно откако во групната фаза се постигнати само 14 гола помалку од целото ЕП 2016, а просекот е 2,61 гола по меч (откако ЕП се игра со групна фаза најефикасно е тоа во 2000 година, со 2,74)

Со крајно возбудливи и полни со голови мечеви (18 погодока на четири средби) се заокружи групната фаза на фудбалското Европско првенство (ЕП), како што главно и се одвиваше досега во најголемиот дел.

Во осминафиналето главно се пласираа фаворитите, а како дерби-средби сега се издвоија дуелите Англија – Германија во Лондон и Белгија – Португалија во Севилја. Меѓу 16-те најдобри селекции на овој континентален шампионат само една репрезентација беше ставена во најслабиот, четврти барабан пред ждрепката на групите, а тоа е Велс. Како за споредба, на минатото ЕП, во 2016 година, од четвртиот барабан осминафиналисти беа четири репрезентации, и тоа Република Ирска, Исланд, Велс и Северна Ирска, од кои најдалеку стигна Велс, до полуфиналето.

На ЕП 2020 во осминафиналето најмногубројни се селекциите од првиот барабан, оти во трка за трофејот останаа сите шест репрезентации, Белгија, Италија, Англија, Германија, Шпанија и Украина. Од третиот барабан меѓу 16-те најдобри селекции на ЕП 2020 се Португалија, Данска, Австрија, Шведска и Чешка, а од вториот се Франција, Швајцарија, Хрватска и Холандија.

Во групната фаза на ЕП 2020, постигнати се вкупно 94 гола, што е само за 14 погодока помалку од вкупниот број голови на целото минато континентално првенство, во 2016 година. Просекот на ЕП 2020 засега е 2,61 гола по меч. Откако на континенталните првенства се игра со групна фаза (од 1980 година), најефикасно првенство е тоа во 2000 година, со 2,74 погодока по натпревар, а веднаш потоа е првенството во 1984 година, со 2,73 гола по средба. На претходните три шампионати просекот на голови се движеше од 2,12 до 2,48. Од репрезентациите најмногу голови постигна Холандија, осум, а поединечно Кристијано Роналдо, пет, од седумте на Португалија.
И денеска е слободен ден на ЕП, а осминафиналињата почнуваат утре, со дуелите Велс – Данска (18 часот) и Италија – Австрија (21 ч.).


 

Селекциите што на ЕП се квалификуваа преку
ЛН не се пласираа во осминафиналето

Четирите репрезентации што на фудбалското Европско првенство (ЕП) се пласираа преку плејофот на новото натпреварување, Лигата на нациите (ЛН), не се пласираа во осминафиналето на ЕП 2020. Третопласирана во својата група на континенталното првенство беше селекцијата на Словачка (на Европско првенство се пласира преку плејофот на лигата Б), а четвртите места во своите групи ги освоија репрезентациите на Македонија (лига Д), Унгарија (лига А) и Шкотска (лига Ц).

Од домаќините само уште Англија може да игра дома
На фудбалското Европско првенство од селекциите што беа домаќини, во осминафиналето се пласираа Англија, Германија, Италија, Данска, Шпанија и Холандија. Од нив мечеви на свој терен до финалето може да игра само Англија, која во осминафиналето ќе игра во Лондон со Германија, ако победи потоа ќе игра во Рим. Според ждрепката, и Германија сега ќе игра во Лондон, а ако победи ќе се пресели во Рим. Холандија и Данска со победи ќе одат на настап во Баку, Шпанија сега ќе игра во Копенхаген, ако триумфира ќе игра во Санкт Петербург, а Италија во осминафиналето е во Лондон, а ако победи ќе се пресели во Минхен. Полуфиналињата и финалето се играат во Лондон.

Репризи
Мечот од третото коло во групата Ф на фудбалското Европско првенство (ЕП) помеѓу Унгарија и Германија беше реприза на финалето на Светското првенство во 1954 година, а следниот меч на Германија е нова реприза од финале на еден мундијал, тој од 1966 година. Тогаш Англија на стариот стадион „Вембли“ ја победи Германија за првата титула светски првак. Реприза од финале на ЕП, пак, беше дуелот Франција – Португалија. Според распоредот, нови репризи на финалиња се можни од четврт-финалето.