Сиетл е новиот фудбалски првак на САД, откако во 24-то финале на американската фудбалска лига (МЛС), кое се одигра на стадионот „Сенчери-линк филд“ во Сиетл, пред 69.274 гледачи (втора најголема бројка гледачи во историјата на тој стадион), го совлада Торонто, со 3-1. Ова беше трето финале во МЛС во последните четири години помеѓу овие два тима. Поуспешен е Сиетл со двата триумфа (во 2016 и 2019), а Торонто победи во 2017-та.

Сиетл е шестиот клуб во историјата на МЛС-лигата со повеќе од една титула, со што им се приклучи на Хјустон, Канзас сити и на Сан Хозе, кои имаат по два трофеја.
На патот до финалето двата тима направија изненадувања, Сиетл го елиминира Лос Анџелес, а Торонто го елиминира ланскиот шампион, Атланта. Сиетл десет години се натпреварува во МЛС и веќе освои две титули и едно второ место. Торонто е во МЛС од 2007 година и остана на едната титула и две вицешампионски места. Вторпат во историјата на МЛС два тима третпат играа во финалето. Претходно тоа се случи во 2002, 2005 и 2014 година, кога се среќаваа Лос Анџелес галакси и Њу Ингланд (трипати победи Галакси).