Реалноста е дека не знаеме како ќе се одвиваат работите. Тешко дека поголеми групи гледачи, кои се главната енергија на фудбалот, ќе се најдат на трибините во скоро време, напиша Кларк во писмото до управниот совет на ФА

ГРЕГ КЛАРК, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА АНГЛИСКАТА ФА

Претседателот на Фудбалската асоцијација (ФА) на Англија, Грег Кларк, изјави дека е тешко остварливо навивачите да се најдат на трибините „во скоро време“. Доколку продолжат, натпреварите во Премиер-лигата ќе се играат зад затворени врати. Има најави дека е можно и во следната сезона натпреварите да се играат без гледачи.

– Реалноста е дека не знаеме како ќе се одвиваат работите. Со физичкото дистанцирање што треба да опстои некое време, се соочуваме со значителни промени во целиот фудбалски екосистем. На пример, тешко дека поголеми групи гледачи, кои се главната енергија на фудбалот, ќе се најдат на трибините во скоро време – напиша Кларк во писмото до управниот совет на ФА, а пренесува „Би-би-си“.

Кларк рече и дека челниците на англиската Фудбалска асоцијација „разгледуваат различни сценарија со кои потенцијално би можеле да се соочиме како резултат на пандемијата“, додавајќи оти намалувањето на буџетот за 75 милиони фунти (85 милиони евра) ќе биде „разумен“.

– Во најлош случај, ова ќе биде неопходно за да се компензира дефицитот од 300 милиони фунти во следните четири години. Јасно е дека тоа ќе влијае врз многу наши планови, бидејќи секоја област од играта ќе биде засегната, како и многу битни проекти – вели Кларк.