Техничките и фудбалските советодавни тела на Бордот на интернационалната фудбалска асоцијација (ИФАБ), задолжен за измени во правилата на фудбалската игра, треба да се состанат есенва и секоја промена на правилата ќе треба да биде заверена на годишното генерално собрание во март 2021 година, пред да стапи во сила за сезоната 2021/2022

ФУДБАЛ

Англиската Премиер-лига е подготвена да лобира до Бордот на интернационалната фудбалска асоцијација (ИФАБ), задолжен за измени во правилата на фудбалската игра, за промена на правилото за играње со рака, пренесува „Би-би-си“. Лигата сака да се избегне ситуацијата од мечот Тотенхем – Њукасл (1-1) на 27 септември, кога ненамерното играње со рака на Ерик Даер и досудениот пенал предизвикаа многу реакции и полемики. Покрај ова, и неколку други ситуации кога ненамерното и инцидентно играње со рака беше казнувано со удари од белата точка наидоа на критики во фудбалската јавност.
Премиер-лигата е заинтересирана за промена на делот од правилото во кое сега се наведува дека ќе се досуди пенал ако топката удри во раката кога таа е над нивото на рамото на играчот. На судиите сега им е наложено да не бидат премногу ригидни во однос на нивното толкување на правилото, особено за растојанието што еден играч го има од топката и дали тој ја кренал раката надвор од природната линија на телото, пишува „Би-би-си“.

Слични на случајот со Даер беа и случаите со дефанзивците Виктор Линделоф од Манчестер јунајтед (против Кристал Палас) и Џоел Вард од Кристал палас (против Евертон).
Засега Премиер-лигата е немоќна да стори што било во врска со судиските одлуки, како што е случајот со Даер, бидејќи неговата рака била над височината на рамото, и според ИФАБ тоа се казнува. Поради тоа се подготвува и формално барање за промена на правилото доколку одговорот од ИФАБ до Премиер-лигата не биде задоволителен, пишува „Би-би-си“.

Техничките и фудбалските советодавни тела на ИФАБ треба да се состанат есенва, а секоја промена на правилата ќе треба да биде заверена на годишното генерално собрание во март 2021, пред да стапи во сила за сезоната 2021/2022. Но „Би-би-си“ посочува дека, и покрај големото незадоволство околу интерпретацијата на правилото за играње со рака, мноштвото одлуки на натпреварите во првите три кола биле коректни, вклучувајќи ја и онаа на мечот Брајтон – Манчестер јунајтед (2-3) и досудениот пенал за гостите по последниот судиски свиреж и по прегледот на снимката.