Тимовите од вчера ги почнаа индивидуалните тренинзи, а со тимските ќе продолжат најрано на 18 мај

Италијанскиот министер за спорт, Винченцо Спадафора, ги потсети клубовите во Серија А дека фудбалерите ќе можат да работат самостојно или во мали групи на тренинзите што ги почнаа вчера, без да каже одреден датум за продолжување на сезоната. Спадафора нагласи дека групните тренинзи ќе бидат забранети уште две недели.
Клубовите и играчите размислуваат за продолжение на Лигата откако италијанската влада донесе олеснувања на ограничувањата за тимските спортови. Владата првично најави дека само спортистите во индивидуалните спортови ќе можат повторно да тренираат, а дека тимските спортови ќе треба да чекаат уште две недели. Сепак, подоцна беше потврдено дека Владата им дава дозвола и на тимските спортови, под услов играчите да тренираат сами или во мали групи.

Сасуоло и Рома беа меѓу првите клубови што потврдија дека ќе почнат со индивидуални тренинзи и со медицински процени откако нивните региони ги укинаа ограничувањата. Во меѓувреме, Јувентус ги повика своите играчи што во моментов се во странство да се вратат во Италија што е можно поскоро за да продолжат со подготовките. Како одговор на тие извештаи, Спадафора ги потсети тимовите дека неговиот првичен совет во врска со тимскиот тренинг уште се применува и оти нема конкретни планови за продолжување на натпреварите.

– Читам чудни работи, но ништо не е променето во однос на она што секогаш го кажував за фудбалот, а тоа е дека тренинзите на тимовите нема да продолжат пред 18 мај. Продолжување на лигата? Засега нема шанси. Сега извинете, но треба да се вратам назад за да се грижам за сите други спортови и спортски центри што треба да се отворат што е можно поскоро – напиша тој на Фејсбук.

Сите 20 клуба во Серија А гласаа за продолжување на сезоната иако за тоа треба да се изјасни и Владата. Француската и холандската лига ги завршија сезоните откако фудбалот и другите големи собири во тие земји беа забранети до септември. Останува да се види дали и кога ќе продолжат мечевите во германската Бундес-лига, за што треба да дадат дозвола здравствените власти. Шпанската Ла лига и англиската Премиер- лига, исто така, се за продолжување на сезоната 2019/2020 веднаш штом ќе биде безбедно да се стори тоа.