Водечкиот англиски тим од март годинава нареди 17 првенствени победи во низа и му требаат уште три за да го собори рекордот на Баерн

На мечот утре на гости кај вечниот ривал Манчестер јунајтед, европскиот фудбалски првак Ливерпул ќе се обиде да ја продолжи серијата победи во англиската Премиер-лига и да се доближи до рекордот на германскиот шампион Баерн, во конкуренција на најсилните пет лиги во Европа (Англија, Германија, Шпанија, Франција и Италија).

Ливерпул, кој е водечки тим сезонава во првенството на Англија со 24 бода, нареди 17 првенствени победи во низа од март годинава. Рекордот на клубот од Минхен е 19 триумфи едноподруго, во периодот од октомври 2013 до март 2014 година.
За да го собори рекордот на Баерн, на Ливерпул, покрај победа над Манчестер јунајтед, му се потребни триумфи и во следните две кола, со Тотенхем дома на 27 октомври и со Астон вила на гости на 2 ноември.

Дуелот утре е натпревар помеѓу најтрофејните клубови во Англија, откако Манчестер јунајтед има 20, а Ливерпул 18 титули.