Германија, четирикратниот светски првак, утрешниот противник на Македонија, ја забележа втората победа, на гости над Романија (1-0), и е на првото место во групата Ј во квалификациите за пласман на фудбалското Светско првенство (СП) во 2022 година во Катар. Победоносниот гол го постигна Серж Гнабри, кој од СП 2018 е вклучен во 18 гола на 17-те настапи за Германија, осум повеќе од кој било друг фудбалер. Во таа група Ерменија, исто така, има шест бода, по победата над Исланд (2-0), кој е без бод и без постигнат гол на двата меча.
На другите натпревари од второто коло фаворитите не дозволија изненадувања. Светскиот првак Франција почна со неочекувано реми, дома со Украина (1-1), но се поправи и го победи Казахстан на гости со 2-0. Италија ја продолжи серијата без пораз на 24 натпревари победувајќи ја Бугарија во Софија, со 2-0, претходно и Северна Ирска со истиот резултат, во почетокот на квалификациите за СП, како продолжение на 10-те победи во квалификациите за ЕП 2020.

Англија, исто така, е со максимални шест бода во групата со победата над Албанија во Тирана со 2-0. Шпанија, која квалификациската кампања ја почна со ремито дома со Грција (1-1), во финишот, во втората минута од судиското продолжение, со голот на Дани Олмо, ја совлада Грузија на гости со 2-1. Данска ја декласира Молдавија со 8-0 и ја оствари најголемата победа во квалификации за СП или за ЕП.
Полска очекувано ја совлада Андора (3-0), а Роберт Левандовски, кој постигна два гола, се запиша во листата на стрелците на 10-от меч во низа во дресот на Баерн или на репрезентацијата.